Министерството за внатрешни работи (МВР) потврди дека синоќа било приведено едно службено лице со кое бил извршен службен разговор во врска со кривично дело „Оддавање службена тајна“. Делото е поврзано со акции на полицијата извршени месецов против криминалната група „Беланоца-Барон“.
Според соопштението на МВР осомниченото службено лице било приведено на 28 декември.
„При што во полициска станица беше извршен службен разговор во врска со кривично дело ‘Оддавање службена тајнa’, одземен му е мобилен телефон, по што по насока на ОЈО лицето е ослободено“, велат од МВР.
Осомничениот е син на поранешниот министер за внатрешни работи од ДУИ, јавува ТВ Телма, повикувајќи се на полициски извори.
Тој е осомничен дека оддал информации до членовите на криминалната банда непосредно пред спроведувањето на акцијата на Обвинителството и МВР на 16 декември против 18 осомничени припадници на скопското подземје од кои осуммина од нив не пронајде. Тие како дел од криминалната банда „Беланоца-Барон“ се обвинети дека во период од 2020 до 2024 година, организирале убиства на вкупно 8 луѓе, при што тројца други биле ранети, а на три лица им бил загрозен животот.
Истрагата за протекувањето на информациите ја води Обвинителството за гонење организиран криминал. Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека е уверен оти информациите не протекле од кај нив.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Во тој поглед јас како државен обвинител можам да ви гарантирам дека од страна на ЈО не протекуваат никакви информации за тоа што тие предистраги, тие мерки за следење со месеци биле активни и претходно и ниедна не пробила.
Акцијата е пробиена во завршна фаза односно ден два пред да се преземе официјално акцијата. Токму и на таа околност ЈО и сега истражува да дознае „кој е кртот“ на пробивање на акцијата, меѓутоа ете успеа два дена пред планираното да спроведе акција и дел од осомничените да ги уапси“, изјави Коцевски.
За полициската акција протекле информации од Министерството за внатрешни работи, и поради таа била спроведена во недела навечер, наместо во вторник како што било планирано. По спроведувањето на акцијата, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека е срамно тоа што протекле информациите.
„Порака до нечесните, срам е за македонски полицаец да учествува во поткопување на процесите кои треба да не довеат до правда и правичност и ќе следат во иднина постапки“, рече Тошковски на 16 ти декември.
Ова е трет пат по ред, како од полициските структури „протекуваат“ информации за полициски акции кои се спроведуваат против нарко-картелите.
Видете и ова: За осум убиства приведени осомничени од криминалната банда „Беланоца“Претходниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски по јануарската акција годинава кога беа уапсени седум луѓе од вкупно 16 осомничени за „увоз на кокаин“ од Перу и Бразил, изјави дека утврдиле дека во МВР има „кртови“ кои наскоро ќе бидат изнесени пред лицето на правдата.
На 4 ноември годинава МВР објави дека се уапсени пензионирани полицајци поради оддавање на оперативни информации.
Иако, тогаш не беше експлицитно посочено за кого се работи, но според соопштението наликуваше дека тие им давале информации на најголемиот нарко бос во земјава Шеваљ Муареми, кој според последните објави на социјалната мрежа Инстаграм е во Дубаи.