Најмалку седум загинати при израелскиот напад врз Газа

Илустрација, израелски напади врз Газа

Агенцијата за цивилна одбрана во Газа соопшти дека воздушен напад погодил болница на 29 декември, при што загинале најмалку седум лица, додека Израел соопшти дека цел на нападот биле милитантите кои се криеле во зградата, која повеќе не е функционална.

Според Агенцијата за цивилна одбрана во Газа, воздушниот напад ги погодил горните катови на болницата Ал-Вафа во градот Газа.

Видете и ова: Израел нападна позиции на Хутите во Јемен


Израелската војска соопшти дека извршила „прецизен напад“ насочен кон членовите на тимот за воздушна одбрана на Хамас - палестинската група означена како терористичка организација од страна на Соединетите Американски Држави и Европската Унија - кои, како што рече, дејствувале „од команден центар лоциран во зграда која порано била болницата Ал-Вафаа“.

„Оваа зграда во моментов не работи како болница“, соопшти израелската војска.

Министерството за здравство во Газа соопшти дека болницата сè уште функционира.

„Болницата Ал-Вафаа делумно работи, обезбедувајќи грижа за пациентите кои имаат телесен инвалидитет“, соопшти Министерството.

Нападот на болницата Ал-Вафаа се случи еден ден откако Израел ја заврши операцијата во болницата Камал Адван во северниот дел на Газа, напад за кој Светската здравствена организација соопшти дека ги принудил пациентите и персоналот да ја напуштат зградата.

Израелската армија го уапси и директорот на оваа болница Хосам Абу Сафије, велејќи дека е осомничен дека е член на Хамас.

Од 6 октомври, Израел ги фокусира своите воени операции на северот на Газа, велејќи дека има за цел да го спречи Хамас да се прегрупира. Меѓутоа, израелската војска изврши воздушни напади и гранатирања и во други делови на палестинската енклава.