Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев на 29 декември ја обвини Москва дека се обидела да ја скрие причината за смртоносната авионска несреќа оваа недела и ја повика Русија да ја признае „вината“ за катастрофата, велејќи дека авионот бил соборен по грешка.
Алиев рече дека Баку жали што Москва „изнесе теории“ кои „јасно покажаа дека руската страна сака да го прикрие“ ова прашање.
„Признавањето на вината, навременото извинување на Азербејџан, која се смета за пријателска земја, и информирање на јавноста за тоа -- сето тоа беа мерки и чекори што требаше да се преземат“ изјави Алиев.
Претходно рускиот претседател Владимир Путин на азербејџанскиот лидер Илхам Алиев на 28 декември му рекол дека руската противвоздушна одбрана била активирана за да се одбие наводниот напад со украински беспилотни летала додека авион на Азербејџан ерлајнс се обидел да слета во рускиот град Грозни.
„Во ова време Грозни, (градот) Моздок и Владикавказ беа нападнати од украински борбени беспилотни летала, а руската воздушна одбрана ги одбиваше овие напади“, се наведува во соопштението од Кремљ за тоа што му рекол Путин на Алиев.
Меѓутоа, во него не е наведено дека Путин спомнал оти руската воздушна одбрана е одговорна за соборувањето на авионот, поточно дали руски проектил го соборил авионот.
Кога патничкиот авион со 67 луѓе се урна на брегот на Каспиското Море во Казахстан рано на 25 декември, руските власти и државните медиуми беа брзи во посочувањето на можните причини: густа магла, удар од птица и потоа се појавија снимки кои покажуваат оштетување на моторот пред несреќата и експлозија на резервоар за кислород во кабината.
Доказите, од кои голем дел не се потврдени од властите во Азербејџан, Казахстан или Русија, вклучуваат снимки од внатрешноста на авионот пред падот, слики по несреќата од делот од опашката на авионот со дупка, коментари на преживеан и профили кои укажуваат дека имало сомнителен напад со дрон околу времето кога авионот очигледно се обидел да слета во Грозни.