Соединетите Држави соопштија дека воведоа нови санкции за грузискиот милијардер и пријател на Русија, Бидзина Иванишвили. Тој е поранешен премиер и основач на владејачката партија Грузиски сон. На американската црна листа се најде поради поткопување на демократијата во Грузија во „придобивка на Руската Федерација“.
„Под водство на Иванишвили, Грузискиот сон ги унапреди интересите на Кремљ со попречување на евроатлантската траекторија на Грузија,во директна спротивност со она што беше предвидено од грузискиот народ и грузискиот устав“, се вели во изјавата државниот секретар Антони Блинкен на 27 декември.
Блинкен додаде дека „дејствата на Иванишвили и Грузискиот сон ги еродираа демократските институции, овозможија кршење на човековите права и го ограничија остварувањето на основните слободи во Грузија“.
„Силно ги осудуваме дејствијата на Грузискиот сон под водство на Иванишвили, вклучително и неговата тековна и насилна репресија врз грузиските граѓани, демонстрантите, членовите на медиумите, активистите за човекови права и опозициските личности. Новите мерки ќе ги блокираат трансакциите во кои се вклучени субјекти во сопственост на Иванишвили“, се вели во соопштението.
Видете и ова: Грузиската претседателка повика на нов датум за избори до 29 декември
Ббогатството на Иванишвили се проценува на 7,5 милијарди долари, а голем дел од него доаѓа преку метали, банкарство и телекомуникациски средства во Русија во текот на 1990-тите, се вели во анализата на Блумберг њуз.
Премиерот Иракли Кобахиџе ја нарече американската акција „уцена“ и дека тоа е „награда“ за Иванишвили поради, како што вели, заштитата на националниот интерес на Грузија.
Американската одлука за санкции за Ивинишвили беше поздравена од опозицискиот грузиски лидер Гиорги Вашадзе, според кој грузискиот милијардер е носител на хаос и мизерија во земјата.
Во претходната акција, Соединетите Држави на 12 декември рекоа дека „ќе го забранат издавањето визи на оние кои се одговорни или соучесници во поткопувањето на демократијата во Грузија“.
Со таа одлука беа погодени околу 20 лица, „вклучувајќи поединци кои служат како владини министри и во парламентот, службеници за спроведување на законот и безбедност и приватни граѓани“.
Во ова соопштение не беа посочени имињата на опфатените со американски санкции.
Грузија, која некогаше беше и близок сојузник со САД, ги налути Вашингтон и Брисел откако во знак на наклоност кон Русија се откажа од евроатланските интеграции и потоа презема насилно мерки за задушување на домашните демонстрации кои настанаа по одлуките на новиот проруски премиер.
Полицијата во Тбилиси се судри со прозападните демонстранти во изминатите неколку недели, при што беа приведени десетици и повредени голем број луѓе кои ја обвинуваат владата на партијата Грузиски сон дека ја оддалечува земјата од Европската унија и се приближува до Москва.
Политичката криза избувна откако Грузискиот сон ја објави победата на парламентарните избори во октомври, за кои Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) рече дека биле нарушени со случаи на купување гласови, двојно гласање, физичко насилство и заплашување.