Рускиот претседател Владимир Путин му се извини на азербејџанскиот претседател Алиев за смртоносната несреќа на патнички авион која настана на 25 декември.
Путин на азербејџанскиот лидер Илхам Алиев на 28 декември му рекол дека руската противвоздушна одбрана била активирана за да се одбие наводниот напад со украински беспилотни летала додека авион на Азербејџан ерлајнс се обидел да слета во рускиот град Грозни.
„Во ова време Грозни, (градот) Моздок и Владикавказ беа нападнати од украински борбени беспилотни летала, а руската воздушна одбрана ги одбиваше овие напади“, се наведува во соопштението од Кремљ за тоа што му рекол Путин на Алиев.
Меѓутоа, во него не е наведено дека Путин спомнал оти руската воздушна одбрана е одговорна за соборувањето на авионот, поточно дали руски проектил го соборил авионот.
Кога патничкиот авион со 67 луѓе се урна на брегот на Каспиското Море во Казахстан рано на 25 декември, руските власти и државните медиуми беа брзи во посочувањето на можните причини: густа магла, удар од птица и потоа се појавија снимки кои покажуваат оштетување на моторот пред несреќата и експлозија на резервоар за кислород во кабината.
Но, сè повеќе докази покажуваат дека авионот на Азербејџан ерлајнс, кој се движеше од Баку за Грозни - главниот град на руската област Чеченија, можеби бил погоден од противвоздушна одбранбена ракета која бранела наводен украински напад со беспилотно летало врз Чеченија, пред да го премине Каспиското Море и да се урне во близина на Актау, Казахстан, при што загинаа 38 патници и членови на екипажот.
Видете и ова: Сè повеќе докази дека руска ракета го погодила авионот на Азербејџан ерлајнсДоказите, од кои голем дел не се потврдени од властите во Азербејџан, Казахстан или Русија, вклучуваат снимки од внатрешноста на авионот пред падот, слики по несреќата од делот од опашката на авионот со дупка, коментари на преживеан и профили кои укажуваат дека имало сомнителен напад со дрон околу времето кога авионот очигледно се обидел да слета во Грозни.
Извештаите за напад со беспилотно летало врз Грозни околу времето кога авионот бил во областа, беа објавени и на каналот на Телеграм на чеченската опозиција и од База - руски медиум со врски со безбедносните служби. База, исто така наведе дека аеродромот во Грозни престанал да прифаќа дојдовни летови поради наводниот напад.
Казахстанските, руските и азербејџанските власти рекоа дека нема да коментираат за причината за несреќата додека не заврши истрагата, а портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, ги повика другите да не објавуваат „хипотези“.