Основниот Суд во Струга му го одзема пасошот на градоначалникот Рамиз Мерко како мерка за претпазливост. Според барањето на обвинителите, Мерко треба една неделно да се јавува во Судот, а мерките се побарани поради опасност од бегство.
Струшкото обвинителство против него поднесе и уште едно обвинение, деветто обвинение по ред, откако минатата година беше ставен на американската „црна листа“.
Струшкиот надлежен обвинител го обвинува Мерко дека како градоначалник на општина Струга, во март годинава, поставил спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, со кое поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја.
Видете и ова: Црната листа и критиките го размрдаа обвинителството?„Имајќи предвид дека обвинетиот е долгогодишен јавен функционер, против кого ОЈО Струга во краток временски период годинава поднесе повеќе обвиненија и веќе води осум судски постапки за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Несовесно работење во службата, надлежниот јавен обвинител оцени дека постои реална опасност обвинетиот да се обиде да го избегне кривичниот прогон“, се вели во обвинителското соопштение.
Со ова обвинение против Мерко, во судовите во Струга и Битола, ќе се водат вкупно девет судски постапки, при што во секоја од нив има и можност од затворска казна.
Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од политичката партија ДУИ на 9 јуни 2023 година се најде на „црната листа“ на САД поради корупција и мешање во судски процеси. Според соопштението од Стејт Департментот тој присвојувал државни средства, се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции.
Мерко е обвинет и за незаконски поставување на директори на училишта и други институции, како и за злоупотреба на службената положба при набавката на службеното луксузно возило „ауди а6“ од 67 000 евра на трошок на Општината. Тој го набавил автомобилот во услови кога општината се наоѓаше во долгови и со блокирана сметка, а обврските и се сервисираа преку релоцирање средства од централниот буџет на државата.