Клековски: Лековите поевтини од кутија цигари, не треба да бидат на позитивната листа

илустрација

Матичните лекари ќе добијат зголемена капитација, а пациентите проширена позитивна листа на лекови. Ова се дел од новините кои за идната година ги најави директорот на Фондот за здравството осигурување, Сашо Клековски.

Фондот за здравството осигурување има повеќе дилеми за тоа како да ја прошири позитивната листа, но приоритет ќе имаат лековите за кардиоваскуларни болести, оти како што рече директорот на ФЗО, Сашо Клековски, тие се причина за 60 отсто од смртните случаи во земјава.

Тој истакна дека лековите кои во моментот се поевтини од една кутија цигари и чинат од 50 до 100 денари, не би требало да бидат на позитивната листа.

„Треба да се ослободат средства за понови и поскапи лекови. Говорам за таму каде што товарот врз граѓаните е поголем. Според проценката од СЗО, 65 отсто од потрошувачката на лекови е платена од џебот на граѓаните. Тој процент мора да го намалиме, но и тука ни треба стратегија“, рече Клековски на брифинг со новинарите.

Од ФЗО најавуваат и поскапување на специјалистичките прегледи, иако како што велат, тоа нема да биде радикално.

„Цената на основен специјалистички преглед е 280 денари и таа е цената од пред повеќе од 10 години. Разгледуваме неколку опции. Цената нема да порасне како во приватните болници, но зборуваме за соодветно валоризирање на трудот на специјалистите. Зголемувањето на партиципацијата може да биде за 10 до 15 денари“, изјави директорот на ФЗО.

Видете и ова: Деветте нови лекови на позитивната листа во аптеките

Во меѓувреме, Фондот и Министерството за здравство со поддршка од ЕУ преку нова стратегија ќе го решаваат проблемот со недостиг на кадри, особено во внатрешноста. На здравствените установи не им недостигаат само лекари и медицински сестри, туку и болничари и хигиеничари, но ретко кој сака да работи на овие позиции.

Според Клековски, неминовна ќе биде и регионализацијата, а тоа ќе значи функционирање на поликлиниките надвор од Скопје како дневни амбуланти. Болнички капацитети пак, ќе има само во неколку поголеми регионални центри.

Вработените со договор на дело повторно ќе извисат

Уште еден проблем на кој укажуваат од Фондот е нерешениот статус на голем дел од лекарите. Над илјада здравствени работници од целата државата чекаат трајно вработување, но нивните договори, според најавите од Клековски, нема да бидат трансформирани со закон.

„Сите јавни здравствени установи имаат обврска да поднесат барање до Министерството за здравство, но и до Министерството за финансии преку Фондот. Тоа е барање за нови согласности за вработување во 2025 година и треба да се реализира до 31 март 2025 како краен датум“, објасни Клековски.

Видете и ова: Партизацијата и непотизмот ги бркаат лекарите од земјава

Со одлука на ФЗО, на овие здравствени работници, договорите на дело им се продолжени за уште три месеци.

Таргетот на новите вработувања ќе биде за околу 1500 лица, но новото решение за кое размислуваат здравствените власти, отвора можност да не добијат трајно вработување оние кои сега работат со вакви договори, бидејќи на оглас ќе може да конкурира кој било.

„Теоретска шанса има, но станува збор генерално за средномедицински кадар. Не станува збор за лекари. Не верувам дека понудата на работна сила е толку голема. Во најголем дел од здравствената заштита има голем недостиг на овие кадри“, додаде Клековски.

Решавањето на работниот статус на околу илјада вработени во здравството кои имаат договор на дело, требаше да се реализира до крајот на оваа година. Министерот за здравство, Арбен Таравари зборувајќи за огромниот дефицит од кадри, рече дека до крајот на 2024 ќе има решенија барем за дел од нив.

Решение за овој проблем најави и еден од неговите претходници, екс министерот Фатмир Меџити, кој меѓу другото, ветуваше и дисперзија на кадри од Клиничкиот центар низ целата државата.