Американскиот претседател во заминување Џо Бајден побара од Министерството за одбрана да продолжи со големи испораки на оружје за Украина и го осуди рускиот божиќен напад врз некои украински градови и енергетскиот систем на земјата.
„Целта на овој срамен напад беше да се прекине пристапот на Украинците до греење и електрична енергија во текот на зимата и да се загрози безбедноста на нивната мрежа“, рече Бајден.
Во раните божиќни часови на 25 декември, Русија лансираше бранови ракети и беспилотни летала врз украинските градови и критичната енергетска инфраструктура.
„Во последниве месеци, Соединетите Држави испорачаа стотици проектили за противвоздушна одбрана на Украина, а уште повеќе се на пат. Наредив Министерството за одбрана да продолжи да испорачува оружје за Украина, а САД ќе продолжат неуморно да работат на зајакнување позицијата на Украина во нејзината одбрана од руските сили“, се наведува во соопштението објавено од Белата куќа.
Видете и ова: Како би можел да изгледа украинскиот мировен планОд руската инвазија на Украина во 2022 година, Вашингтон одвои 175 милијарди долари помош за Украина.
„Да бидам јасен: украинскиот народ заслужува да живее во мир и безбедност, а Соединетите Држави и меѓународната заедница мора да продолжат да стојат покрај Украина се додека таа не победи над руската агресија“, рече Бајден.
На 24 декември Русија го нападна украинскиот енергетски систем во некои градови со крстосувачки и балистички ракети и беспилотни летала, соопштија украинските власти.
Најмалку три лица беа ранети во тие напади во североисточниот регион Харкив, кој беше нападнат со руски балистички ракети.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди нападот како „нехуман“ и ја обвини Москва дека се обидува да предизвика тотален „мрак“ во Украина.