Антоанета Димовска не планира да се повлече од УО на Академијата за судии и јавни обвинители

Илустрација

Судијката Антоанета Димовска не размислува да се повлече од Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители затоа што според неа нема судир на интереси.

На денешната седница на Судскиот совет, Димовска изјави дека не размислува да се повлече и да даде оставка од членството во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители по дописот од ДКСК за наводен судир на интереси, бидејќи смета дека не е повреден законот и нема судир на интереси.

„Доколку имав судир на интереси, доколку имаше забрана за мое членување, овде може да дискутираме дали сум јас судија или не. Јас сум судија, но во мирување, а никаде во законот нема забрана дека судија кому му е во мирување функцијата, не може да биде член на УО. Досегашната пракса да членуваат судии кои биле членови на Судскиот совет и на УО тоа го потврдува. Принципиелно не се повлекувам затоа што одговорно тврдам пред јавноста дека немам никаков судир на интереси. Можеби таму има некои членови кои имаат судир на интереси, тоа е нивна работа. Немам дете кое ми е во Академијата, немам никаква причина да не бидам член“, рече Димовска.

Претходно оставка од УО во Академијата даде Ханив Зендели.

Според Димовска, Зендели се повлечол и тоа е негова лична одлука, но, вели, не треба да навлегуваат во нејзините причини, затоа што не го прекршила законот.

„Доколку сметате дека треба да ме отповикате, тоа е ваше право. Доколку сметате дека треба да сум отповикана, ставете ја како точка на дневен ред, но јас лично сметам и тврдам дека нема причина“, подвлече судиката Димовска.

Видете и ова: Стартува новото раководство на Академијата за судии и обвинители - сомнежите остануваат

Судијата Александар Камбовски изјави дека очекувал двајцата членови од Судскиот совет да се повлечат од УО на Академијата.

Според него, не станува збор за прекршување или за судир на интереси, оти тоа го констатирале, но оти со повлекувањето само на едниот член, смета дека ќе се прати порака за неединственост во Судскиот совет, односно дека некои членови сметаат дека постои прекршување или судир на интереси, а други дека не постои.

Судиката Весна Дамева, пак, кажа дека оставката на Зендели, на минатата седница била прифатена и оти таа се смета за личен чин, и оти не е поради незаконитост или слично.

На 29 ноември започна со работа новиот состав на Управниот одбор (УО) на Академијата на судии и јавни обвинители, во атмосфера во која се оспоруваше мандатот на двајца нови членови како противзаконски, како и по низа скандали што ја следеа оваа институција во изминатите години.

Државната комисија за спречување на корупцијата(ДКСК) двапати во ноември ги повика Судскиот совет и Советот на обвинители да ги отповикаат членовите што ги именуваа во Управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители затоа што смета дека именувањето е незаконско.