Папата ги повика „сите луѓе од сите народи“ да ги надминат поделбите

Папата Франциско во божиќното обраќање, Ватикан, 25 декември 2024 година.

Во својата традиционална божиќна порака во средата, папата Франциск ги повика „сите луѓе од сите народи“ да најдат храброст да ги „замолчат звуците на оружјето и да ги надминат поделбите“ што го мачат светот, од Блискиот Исток до Украина до Африка до Азија.

Во своето божиќно обраќање, Френциск директно се осврна на украинскиот конфликт и повика на „храброст потребна да се отвори вратата за преговорите“.

Папата, кој неодамна стана покритичен кон воената кампања на Израел во Појасот Газа, исто така го обнови својот повик за прекин на огнот во војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас и за ослободување на преостанатите израелски заложници држени од Хамас - што САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.

Обраќањето на поглаварот на Римокатоличката црква послужи како резиме на проблемите со кои светот се соочува оваа година. Бидејќи Божиќ се совпадна со почетокот на прославата на Светата 2025 година, која ја посвети на надежта, Францис повика на широко помирување „дури и (со) нашите непријатели“.

Франциск, исто така, рече дека треба да е време да се „урнат сите ѕидови на одвојување“.

Видете и ова: Папата Франциск за војните во Украина и Газа: Договорен мир е подобар од бескрајна војна

Во вторник на Божиќ, Папата ги отвори Светите двери на базиликата Свети Петар во Ватикан, со што започнува јубилејната година на Католичката црква, која ќе трае до 6 јануари 2026 година. Католичката света година, позната и како Јубилејот, се смета за време на мир, простување и помилување.

За војната во Украина, која беше предизвикана од инвазијата на Русија, Франциск рече: „Нека се замолчи звукот на оружјето во Украина разурната од војна!“ и повика на „гестови на дијалог и средба, со цел да се постигне праведен и траен мир“.

Франциск, кој е Папа од 2013 година, оваа година беше критикуван од украинските власти кога рече дека Украина треба да има храброст на „бело знаме“ за да преговара за крај на војната со Русија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно го отфрли учеството во мировните преговори без воспоставување на предвоените граници на Украина.

Сепак, во пресрет на враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, Зеленски покажа зголемена подготвеност за преговори и во декември ја претстави идејата за дипломатско решение што ќе повлече „замрзнување“ на сегашните борбени линии и распоредување на странски војници во Украина.

Во врска со војната во Појасот Газа, Франциск рече дека хуманитарната ситуација на таа палестинска територија е „исклучително сериозна“ и побара „да се отвори вратата за дијалог и мир“.

Во војната во Газа, според властите на таа територија што ја контролира Хамас, загинале повеќе од 45.000 луѓе, додека речиси целото население на енклавата, која е во урнатини, е раселено. Војната избувна откако милитантите предводени од Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи 1.200 луѓе и зедоа 250 заложници во Газа, според израелските власти.