Повеќе од 40 лица загинаа во пакистанските напади во Авганистан, тврдат талибанците

Архивска фотографија

Во пакистанските воздушни напади во источен Авганистан загинаа 46 цивили, соопштија во средата властите во Кабул предводени од Талибанците, откако Пакистан соопшти дека биле нападнати засолништата на милитантите во пограничните области.

Портпаролот на талибанците Забихула Муџахид за РСЕ изјави дека многу жени и деца се меѓу жртвите на нападот во вторникот, кој погоди четири локации во областа Бармал во провинцијата Пактика.

Пакистанската војска соопшти дека безбедносните сили убиле 13 бунтовници во текот на ноќта во разузнавачка операција во Јужен Вазиристан, пакистанска област на границата со авганистанска Пактика.

РСЕ не можеше да ги потврди овие тврдења.

Новите напади најверојатно дополнително ќе ги зголемат тензиите меѓу двете соседни земји.

Видете и ова: Воените судови во Пакистан осудија 25 лица за немирите во 2023 година

Пакистан вели дека милитантите од исламистичката група Техрик-е Талибан Пакистан (ТТП) се кријат преку границата во Авганистан и Исламабад постојано барал од авганистанските талибанци да преземат акција против нив. Авганистанските талибанци велат дека ТТП дејствува во Пакистан.

Новите пакистански воздушни напади уследија неколку дена откако милитантите на ТТП извршија операција во близина на северозападната граница со Авганистан, во која загинаа 16, а беа ранети осум припадници на безбедносните сили.

Нападот се случи кога милитантите отворија оган врз контролен пункт во Јужен Вазиристан во раните утрински часови на 21 декември.

Портпаролот на талибанците Забихула Муџахид за РСЕ изјави дека многу жени и деца се меѓу жртвите на нападот во вторникот, кој погоди четири локации во областа Бармал во провинцијата Пактика.

ТТП, која сака да воведе шеријатско право во Пакистан, ја презеде одговорноста за нападот и соопшти дека се убиени 35 припадници на пакистанските безбедносни сили. РСЕ не можеше да го потврди бројот на загинати. Ниту една страна не кажа колку милитанти биле убиени за време на нападот.

Откако талибанците повторно ја презедоа контролата над Кабул во август 2021 година, бројот на напади на ТТП во северозападната пакистанска провинција Хајбер Пахтунхва е во пораст.