Ердоган: Курдските милитанти да се збогуваат со оружјето или „ќе бидат погребани“

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека курдските милитанти во Сирија ќе го остават оружјето или „ќе бидат погребани“, бидејќи борбите меѓу сириските борци поддржани од Турција и курдските групи продолжуваат по падот на сирискиот претседател Башар ал Асад.

По падот на Асад, Анкара постојано инсистираше на распуштање на курдските Единици за заштита на народот (ЕЗШ), тврдејќи дека групата нема место во иднината на Сирија.

„Сепаратистичките убијци или ќе се збогуваат со оружјето или ќе бидат закопани во сириска земја заедно со нивното оружје“, им рече Ердоган пред пратениците од неговата владејачка АК Партија во парламентот.

„Ќе ја искорениме терористичката организација која се обидува да исплете ѕид од крв меѓу нас и нашите браќа и сестри Курди“, додаде Ердоган.

Турција ја гледа курдската милиција ЈПГ, која е главна компонента на Сириските демократски сили (СДС) поддржани од САД за време на граѓанската војна во Сирија, како продолжување на забранетата Курдска работничка партија (ПКК), која го предводеше бунтот против турската држава од 1984 година.

Видете и ова: Турција го заменува Иран како доминантен странски „играч“ во Сирија

Турција, САД и ЕУ ја прогласија ПКК за терористичка организација. Анкара постојано го повикува Вашингтон и другите да престанат да ја поддржуваат курдската милиција.

Новите лидери на Сирија во вторникот објавија дека постигнале договор со бунтовничките групи за нивно распуштање и интеграција во Министерството за одбрана. Сепак, претставниците на силите предводени од Курдите не присуствуваа на состанокот.

За време на 13-годишната граѓанска војна во Сирија, во која загинаа повеќе од половина милион луѓе, земјата беше распарчена на делови под контрола на различни милитантни групи поддржани од регионалните и светските сили.

Портпаролот на СДС Фархад Шами рече дека за прашањето за интегрирање на неговата група во националните вооружени сили „треба директно да се разговара“, додавајќи дека тоа ќе ја зајакне „цела Сирија“.

Турција е поврзана и со групата Хајат Тахрир ал Шам (ХТШ) која го предводеше соборувањето на Асад и има шпекулации дека Анкара би сакала ХТШ да ги нападне курдските сили, но дека ХТШ не сака да се вклучи во тој конфликт.

Видете и ова: По неуспехот во Сирија, Русија префрлува воена опрема во Африка

Од крајот на ноември, СДС се бори во северна Сирија против борците поддржани од Турција кои започнаа офанзива врз областите под контрола на Курдите во исто време кога ХТШ започна кампања против Асад.

Во вторникот, беа пријавени борби во северна Сирија меѓу групите поддржани од Турција и курдските сили. Турското Министерство за одбрана соопшти дека вооружените сили убиле 21 милитант од курдската милиција и ПКК во северна Сирија и Ирак.

Во изјава за Ројтерс минатата недела, командантот на СДС Мазлум Абди за прв пат го призна присуството на борците на ПКК во Сирија, наведувајќи дека тие помогнале во борбата против таканаречената „Исламска држава“ и дека ќе се вратат дома доколку се договори целосен прекин на огнот, што е основно барање на Анкара.

Тој негираше дека СДС има организациски врски со ПКК.