Надлежните најавуваат мерки против „алчните“ трговци

илустрација

Институциите од денеска (25 декември) ќе реагираат во однос на цените во маркетите, а доколку трговците продолжат со зголемување на цените на одредени производи реакцијата ќе биде уште поробустна во периодот што следува, најави премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања по отпочнувањето на проектот за реконструкција на коловозот на патот кон Манастирот „Пеленица“ во Општина Кисела Вода, Мицкоски не откри со какви мерки ќе се соочат трговците, туку нагласи дека граѓаните ќе бидат сведоци на тоа во периодот што следи.

Премиерот посочи дека вчера во Владата разговарале со сопствениците на сите големи супермаркети и оти оставиле добра волја да не биде со пристап кој ќе значи ограничување на цени, за кои тие велеле дека е непопуларна мерка.

„Сакавме да слушнеме од нив, да се поразговара и да се донесе заедничко решение, кое ќе биде прифатено. И тоа се случи. Тоа што некој од нив се служат со трикови, тоа е друга работа. За тоа ќе има соодветни процедури, трае анализата и тие процедури деновиве ќе бидат аплицирани,“ рече Мицкоски.

Видете и ова: Цените или стагнираат или растат – намалувањето само илузија

Тој повтори дека во периодот пред празниците на одредени производи цените биле зголемени и за 25 отсто.

Од 15 декември почнаа да важат цените од таканаречената „новогодишна кошничка“ во која производите би требало да се со пониски цени од минимум 10 проценти.

Бројката на производи кои влегуваат во кошничката се очекува да достигне до 1000, опфатени се околу 80 компании, но во неа не влегуваат маслото шеќерот, кафето и какаото за, како што беше кажено, да не им се направеле големи штети на компаниите.