Бројот на регистрирани земјоделци во земјава денес е околу 65 000, за разлика од пред десетина години кога имало 90 000. Покрај тоа, лозарството е во сериозен пад, а сточарството брои 140 000 грла крупен добиток, иако пред речиси една деценија имаше 260 000. Ова денеска го констатираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, кој сепак изрази надеж дека со правилни мерки насочени за помош на овој сектор, може да се види промена по една година.
Трипуновски на прес-конференција, рече дека Владата ги исплаќа заостанатите субвенции кои требало да бидат тековно исплатени кон сите земјоделци. Според министерот, идната година приоритет ќе бидат стратешките култури, пченицата, јачменот, пченката, градинарството, како и сточарското и млекопроизводството.
„Од наредната година ќе имаме сериозни показатели дека навистина имаме зголемено земјоделско производство. Сега, практично, исплаќаме заостанати субвенции што требало да бидат тековно исплатени и тоа е една од причините зошто нашето земјоделство има сериозен пад. Затоа и повеќе увезуваме од што произведуваме, а ги имаме сите предиспозиции за квантитетно и квалитетно земјоделско производство. Она што изминатите шест месеци Владата и Министерството го покажаа кон земјоделците е враќање на нивната доверба кон институциите. Со новите програми што ги проектираме за 2025-та и со оваа историска исплата што ја правиме годинава, праќаме сигнал дека навистина сакаме и ќе бидеме сериозен партнер на земјоделците“, рече Трипуновски.
Видете и ова: Земјоделци со лаптоп и дрон, наместо мотикаТој додава дека Владата со ребалансот и со пренамена на други програми, со префрлање средства на сметката на Платежната агенција, ги затворила сите заостанати обврски наследени од претходната власт.
„Имаше заостанати обврски за 2023, 2022, 2021, па дури и за 2020 година. Сега ја затвораме календарската 2023-та и имаме сериозна исплата на субвенции од тековната 2024 година. Вкупно 1 700 000 денари се за исплата за 2024 година. Ова никогаш не се случило во македонското земјоделство, покажуваме дека навистина и премиерот и Владата и Министерството со оваа финансиска инјекција за македонските земјоделци сакаме да го вратиме секторот таму каде што некогаш беше“, истакна министерот Трипуновски.
Трипуновски порача дека фокус во Програмата за 2025 година ќе биде производството на производи што ги дозволуваат климатските услови во земјава.