Сообраќајот на Јутјуб во Русија во последните денови се намали на само 20 отсто од своето „нормално ниво“, изјави водечки руски експерт, опишувајќи ја ситуацијата како „де факто“ блокирање на платформата за споделување видеа.
Михаил Климарев, директор на непрофитно друштво за заштита на интернетот, на 23 декември на Телеграм напиша дека сообраќајот на Јутјуб во Русија паднал на една петтина од нивото на сообраќај во споредба со периодот пред властите наводно да почнат намерно да ја забавуваат услугата на оваа платформа во јули.
„Јутјуб де факто е блокиран во Русија“, рече тој.
Јутјуб, кој е во сопственост на Гугл, има десетици милиони корисници во Русија.
Видете и ова: Загушување на Јутуб: Цензурата на Кремљ влегува во непознати водиОд јули, руските корисници на Јутјуб беа сведоци на масовни прекини и забавување на услугите.
Руските власти соопштија дека проблемите се предизвикани од неуспехот Гугл да ја надгради опремата и на тој начин да обезбеди пристап до услугите на компанијата во Русија.
Дел од критичарите, сепак, ја обвинуваат авторитарната влада во Москва дека намерно ја прекинала услугата за да ги спречи руските граѓани на Јутјуб да гледаат содржини во кои се критикуваат политиките на Кремљ.
Во јули, рускиот весник „Газета“ цитираше два извори блиски до администрацијата на претседателот Владимир Путин кои рекоа дека Москва планира да започне со блокирање на Јутјуб во септември.
Информативниот сајт „Медуза“ со седиште во ЕУ тогаш цитираше извор од руската телекомуникациска сфера кој тврдеше дека владата почнала да ја намалува брзината на платформата од 11 јули.
Видете и ова: Русија го блокираше користењето на апликацијата ВиберОд Јутјуб во август соопштија дека имаат информации оти некои луѓе во Русија не можат да пристапат до платформата, но дека проблемот не е предизвикан од никакво дејство или технички проблеми од страна на самата компанијата.
За време на неговата годишна прес-конференција на 19 декември, рускиот претседател Владимир Путин побара Гугл и Јутјуб да ги почитуваат руските закони и да не го користат интернетот како алатка за „постигнување на политичките цели на (американската) влада“.
Русија веќе блокираше одредени социјални мрежи како Фејсбук и Икс (поранешен Твитер).