Обвинителство: За тројца од „организаторите на 27 април“ треба да важи амнестијата

Судско рочиште за „Организаторите на 27 април“ (фотоархива).

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во мислење испратено до Основниот кривичен суд Скопје наведува дека за тројца од вкупно четворицата обвинети во предметот „Организаторите на 27 април“ треба да важи Законот за амнестија од 2018 година.

Предметот е поврзан со упадот во Собранието на 27 април 2017 година, настан познат во јавноста и како „крвавиот четврток“. Упадот беше со цел да се спречи избор на Талат Џафери за претседател на парламентот при што беа повредени пратеници и новинари.

Обвинети во „Организаторите на 27 април“ за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста се поранешниот претседател на Собранието од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славевски, неговите сопартијци и поранешни министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

„Почитувајќи ги законските одредби и имајќи ги предвид ограничувањата при примената на законот, обвинителството темелно ги образложи причините за своето мислење со кое наоѓа дека кај тројца од обвинетите законските одредби налагаат амнестија, додека кај еден обвинет не може да се примени овој правен институт, бидејќи за истиот важат исклучоците од амнестијата која ја дал законодавецот со своето законско решение“, соопштија од ОЈО ГОКК.

Видете и ова: Одложено судењето за „Организатори на 27 април“, Кривичен ќе одлучува по барањето за амнестија

Во соопштението испратено до медиумите, од Обвинителството не наведуваат за кои тројца сметаат дека треба да важи амнестијата.

Од ОЈО ГОКК наведуваат дека „барањето на одбраната на обвинетите за примена на законот не може да се спори, дотолку повеќе ако се земат предвид обвинетите и осудените што веќе се амнестирање“.

„Во секој случај имајќи ја предвид фазата во која се наоѓа оваа постапка, обвинителството е обврзано според Законот за амнестија да даде мислење, но судот ја носи конечната одлука по свое наоѓање и убедување како краен арбитер“, додаваат од ОЈО ГОКК.

Мислењето потенцираат го донеле врз основа на заземен став на стручниот колегиум на државното обвинителство во проширен состав.

За случајот „Организаторите на 27 април“ за денеска, 24 декември, беше закажано судско рочиште во Основниот кривичен суд но тоа се одложи за 23 јануари токму поради мислењето што го доставило Обвинителството откако обвинетите претходно поднесоа барање да бидат амнестирани.

Четворицата обвинети првостепено еднаш беа осудени во овој предмет и тоа: Вељановски на шест и пол години затвор, Јанакиески и Ристовски на по шест години и три месеци, а Атанасовски на шест години. Ваквата пресуда беше донесена во јули 2021, но во април минатата година Апелацискиот суд ја укина и го врати предметот на повторно судење.

Видете и ова: Се бара начин осудените за „крвавиот четврток“ да излезат од затвор?

Инаку, како дел од организаторите во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но бидејќи не беа достапни за органите за прогонот против нив не беше покренато обвинение заедно со останатите.

Покрај „Организаторите на 27 април“, за упадот во Собранието се водеше уште еден предмет во кој обвинетите се гонеа за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Во него првично беа обвинети 33 лица од кои во пресрет на гласањето во парламентот за Преспанскиот договор со Закон за амнестија беа помилувани 15 лица меѓу кои и петмина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. За 16 лица кои беа осудени судот донесе пресуда со вкупно 188 години затвор.