Основниот кривичен суд Скопје одлучи дека притворот од 30 дена за поранешниот прв вицепремиер од ДУИ, Артан Груби, останува и тој ќе важи од денот кога тој ќе биде достапен за органите на прогонот.
Груби е осомничен во истрагата за набавката на ВЛТ апаратите во Државна лотарија. По него и по поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами, на 18 декември беше распишана и меѓународна потерница.
30-дневен притвор и за двајцата беше одреден на 17 декември, по што Груби преку неговиот адвокат поднел жалба до судот.
„Кривичниот совет постапувајќи по жалба изјавена од одбраната на А.Г., недостапен за органите на прогон, против решението на судија на претходна постапка, донесе одлука со која ја одби жалбата на одбраната и го потврди решението на судија на претходна постапка“, соопштија од Кривичниот суд на 24 декември.
Во случајот со Државна лотарија, Груби и Бајрами се осомничени како соизвршители на делото проневера во службата, додека уште четири други лица како членови на комисијата за јавни набавки се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Видете и ова: Што сè може да влезе во истрагата за Државна лотарија?Првичните информации во јавноста беа дека Груби се наоѓа во Косово, по што актуелниот вицепремиер Изет Меџити во интервју за албанската ТВ „Ора њуз“ изминатиот викенд кажа дека неговите информации се оти тој повеќе не е во Косово туку во Албанија.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, ден потоа, на 22 декември, рече дека не би шпекулирал каде се наоѓа поранешниот прв вицепремиер.
Истрагата за Државна лотарија следуваше откако претходно на 9 декември тој, заедно со неговото семејство и судијата Енвер Беџети завршија на црната листа на САД поради „вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање“, кој исто така од претходно е под американски санкции.
Груби тогаш се огласи преку социјалните мрежи велејќи дека е „чист како солза“ и дека ќе се повлече од јавниот живот за да не биде ничиј политички товар.
Кога излегоа информациите дека тој е во бегство, повторно преку социјалните мрежи на 15 декември објави дека патувал за приватна посета и штом ги заврши обврските ќе се врати кај неговото семејство во Скопје.