Македонската армија ќе се модернизира и прошири со 300 нови војници

илустрација

Модернизација и опремување на Aрмијата, обезбеден услов од два проценти од Буџетот за одбраната, како и зголемување на стандардот на вработените и пополнување со помладите во Армијата се трите столба кои се приоритет на Министерството за одбрана и АРМ, најави министерот за одбрана Владо Мисајловски на денешниот предновогодишен брифинг со новинарите (24 декември).

„Во однос на буџетот би сакал да информирам и да истакнам дека условот за минимум 2 проценти наменет за одбраната е испочитуван. Гледано во пари тој изнесува 329 милиони евра, од кои 32 проценти, односно 106 милиони евра се наменети за модернизација и опремување на Армијата. Гледано во однос на 2024 година тоа се 18 милиони евра повеќе“, истакна Мисајловски.

Модернизацијата и опремувањето, како што истакна министерот е процес, кој се реализира согласно планирањето на Армијата и согласно сите цели на способности. Испораката на сите 96 „ЈЛТВ“ возила и возилата „страјкер“ треба да заврши до крајот на годината, а исто така до крајот на 2025 треба да пристигнат и нарачаните системи „Боран“ и „Мистрал“. Тој појасни дека во делот на модернизација влегуваат и осум хеликоптери.

Видете и ова: Старото источно вооружување на АРМ постепено ќе се менува со ново западно

Мисајловски најави и започнување на постапка за прием на нови 300 професионални војници.

„Следната година ќе ги објавиме сите овие податоци, 300 нови професионални војници и секој оној што сака да биде дел од Армијата се разбира ќе го погледне огласот и ќе се пријави. Со тој начин зголемуваме припадници во Армијата, но и ја подобруваме нашата борбена готовност. Продолжуваме и со прием до 60 граѓани со цивилни факултети, а исто така, ќе завршиме и со постапката за прием на питомци и она што е дополнителни вработувања се разбира за оние категории што се најпотребни во МО“, рече првиот човек во одбраната, додавајќи дека наредната година ќе се инвестира во најголем дел од капацитетите на МО кои се во лоша состојба.

Во однос на задолжителен воен рок министерот рече дека во овој момент не размислуваат на таа тема, бидејќи нема такви иницијативи.

Видете и ова: Ќе го вратат ли војните задолжителниот воен рок?

На новинарско прашање за дополнителна помош за Украина Мисајловски рече дека веќе ги информирал медиумите дека поминал еден пакет на затворена седница на Влада и дека сега се во фаза на завршување на таа постапка и потпишување меморандум.

„За нови пакети во овој момент не се разговара, но ќе ги разгледаме сите опции. Доколку негде можеме да помогнеме ќе помагаме, но мој став и мој приоритет ќе биде пред се модернизација и целосно фокусирање во овој момент на нашата армија“, додаде Мисајловски.

Министерот меѓудругото, информираше и дека веќе се прави ревизија на сите постапки во рамки на службите на АРМ.