За 15 дена, речиси 25000 сириски бегалци од Турција се вратиле дома

илустрација

Повеќе од 25 000 сириски бегалци се вратиле во Сирија преку турската граница во последните две недели, изјави денеска (24 декември) турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.

Турските власти претходно соопштија дека во периодот од 9 до 13 декември, 7621 Сиријци се вратиле во својата татковина, откако падна режимот на Башар ел Асад.

Видете и ова: Турција го заменува Иран како доминантен странски „играч“ во Сирија

„Во Турција, која со Сирија дели граница подолга од 900 километри, се уште живеат околу 2,92 милиони Сиријци што избегале од војната“, соопшти Јерликаја за државната новинска агенција Анадолија.

Меѓу нив, повеќе од 500 000 Сиријци живеат во Истанбул, најголемиот град во Турција, додаде министерот.

Дамаск падна во рацете на милитантната Хајар Тахрир ал Шам (која е означена за терористичка организација од САД) и неговите сојузници на 8 декември. Русија изврши десетици воздушни напади откако милитантите ја започнаа својата офанзива против силите на Асад кон крајот на ноември, но ограничената интервенција на Москва направи малку за да го запре напредувањето на бунтовниците.

Падот на владата на Башар ал Асад од рацете на бунтовниците, вклучително и фракциите поддржани од Анкара, практично ја направи Турција доминантен странски актер во Сирија на сметка на Иран и нејзиниот сојузник Русија.