Узбекистанските власти го следат семејството на осомничениот за убиството на рускиот генерал

Ахмаџон Курбонов (29) е обвинет од московскиот суд за тероризам и други дела за убиството на Игор Кирилов кој ги предводеше силите за нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана на Русија.

Узбекистанските власти внимателно го следат семејството на осомничениот за убиството на руски генерал во Москва кое се случи минатата недела, велат соседите и активистите.

Узбекистанскиот државјанин Ахмаџон Курбонов (29) е обвинет од московскиот суд за тероризам и други дела за убиството на генерал-полковник Игор Кирилов на 17 декември. Кирилов беше на чело на руските сили за нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана.

Курбонов, кој пораснал во областа Ухтепа во главниот град на Узбекистан, Ташкент, е обвинет дека од далечина активирал рачно изработена бомба скриена на скутер паркиран пред станбена зграда. Во експлозијата загинаа Кирилов и неговиот помошник.

Соседите на Курбонов во Ташкент за РСЕ изјавија дека неговото семејство се воздржува од разговори со медиумите и дека е следено од узбекистанските власти откако се објави веста за апсењето на Курбонов.

Узбекистанските агенции за спроведување на законот оттогаш биле во редовен контакт со семејството, според Абдурахмон Ташанов, шеф на групата за човекови права Езгулик во Узбекистан.

Ташанов за РСЕ изјави дека разговарал со семејството, цитирајќи ги нивните зборови според кои за наводната вмешаност на Курбонов во нападот, роднините првично дознале од антитерористичката единица на полицискиот оддел во Ухтепа.

Други детали дознале од медиумските извештаи, додаде Ташанов.

Узбекистанските власти не одговорија на барањето на РСЕ за коментар.

Зборувајќи под услов да остане анонимен, еден од соседите рече дека мајката на Курбонов последен пат разговарала со нејзиниот син два дена пред нападот, кога тој се јавил од Русија и ја уверил дека е здрав и дека нашол добра работа како готвач.

Според соседите, Курбонов го напуштил Ташкент во 2021 година, велејќи дека оди во Турција како печалбар. Тие тврдеа дека семејството не знаело кога Курбонов се преселил од Турција во Русија.

И Русија и Турција се домаќини на илјадници работници мигранти од Узбекистан.

Видете и ова: За Медведев претставници на НАТО се „легитимни цели“, по убиството на генерал Кирилов

Жителите во населбата Пахтакор во Ухтепа го опишаа семејството на Курбонов како просечно семејство од средна класа со удобен живот.

Ташанов изрази загриженост за видеото објавено од руските власти на кое наводно се гледа како Курбонов „признава“ дека го извршил смртоносниот напад врз Кирилов. Не се знае дали „признанието“ е добиено под принуда.

Тој рече дека објавувањето на таквите снимки ја нарушува презумпцијата на невиност во случајот на Курбонов.

За време на сослушувањето во московскиот окружен суд Басман на 19 декември, Курбонов побарал преведувач поради неговото ограничено познавање на рускиот јазик.

Руските истражители тврдеа дека Курбонов бил регрутиран и обучен од украинските разузнавачки служби за да го изврши нападот.

Иако украинската служба за безбедност офцијално не ја презеде одговорноста за убиството, извори од таму претходно соопштија дека таа стои зад убиството на Кирилов и неговиот заменик.

Киев го обвини Кирилов дека е одговорен за руската употреба на забрането хемиско оружје против украинските трупи. Ова тврдење Москва го негира.

Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин и неговиот узбекистански колега Шавкат Мирзијоев разговарале за соработка во борбата против тероризмот во телефонски разговор на 19 декември.