Повеќе од илјада студенти од Црна Гора ги поддржаа студентите во Србија, кои организираат блокади на универзитетите и протести, барајќи одговорност за падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, на 1 ноември, кога загинаа 15 лица.
Поддршката ја потпишале над 1.100 црногорски студенти.
„Испраќаме поддршка до сите оние кои во моментов се дел од блокадите, ги повикуваме да истраат и бараме од Владата на Србија да ги слушне своите млади луѓе и итно да ги исполни нивните барања“, се вели во отвореното писмо на црногорските студенти.
Студенти, ученици и други граѓани на Србија секојдневно ги блокираат градските сообраќајници по 15 минути со цел да им оддадат почит на жртвите од падот на бетонската настрешница.
Освен утврдување одговорност за падот на настрешницата, бараат идентификација и кривична одговорност за напаѓачите на демонстрантите, ослободување на уапсените активисти на протестите и запирање на кривичната постапка против нив. За време на бројните протести, беа забележани напади врз демонстранти и нивни апсења.
Во меѓувреме, Владата на Србија соопшти дека е објавена целата документација за реновирање и изградба на настрешницата, а студентите тоа го демантираат.
Во Србија блокирани се повеќе од 50 факултети на четири државни универзитети, неколку ректорати и десетици средни училишта.
Видете и ова: Студентите излегоа на нов протест во БелградЗа време на блокадите евидентирани се инциденти во кои ученици биле нападнати од незадоволни граѓани, а блокадите биле пробиени и со автомобили.
„Сцените на напади, клевети, па дури и газење ученици со автомобили покажуваат дека структурите на моќ никогаш не се рамнодушни кога студентите одлучуваат да станат на нозе“, се вели во отвореното писмо на црногорските студенти.
Потсетуваат дека секоја земја мора да гарантира безбедност и право на протест секому без ризик од апсење, физички напади, медиумско оцрнување и манипулации поради борбата за основните права.
Црна Гора потсети и дека црногорскиот студент Жарко Мариновиќ бил убиен за време на демонстрациите на 4 април 1936 година во Белград и дека тој датум се одбележува како Ден на студентите.
Со студентите во Србија први се солидаризираа студентите на Факултетот за политички науки во Подгорица, кои на 12 декември испратија соопштение во кое наведуваат дека целите на протестите и блокадите се универзални и ја покажуваат силата на студентскиот дух.
Последниот масовен протест на студентите во Црна Гора се одржа во 2011 година, кога тие побараа пониски школарини, дополнителни рокови и поправни колоквиуми.