Вонредна седница на Собранието на Република Српска за судењето на Додик

Седница на парламентот на босанскиот ентитет на Република Српска, Бања Лука, Босна и Херцеговина, јуни 2023.

Собранието на Република Српска (РС) утре (24 декември), на посебна седница ќе расправа за „Информацијата за колапсот на правниот систем во Босна и Херцеговина со кршењето на Дејтонскиот мировен договор“.

Во информацијата која е пред пратениците, судењето на Милорад Додик, претседателот на РС, се споменува како политички монтиран процес.

„Информацијата се однесува и на законот по кој му се суди на претседателот на РС, што го наложи високиот претставник. Одлуките наметнати од Шмит се закануваат да ја воведат БиХ во фаза на функционирање според законите на високиот претставник а не според одлуките на институциите во БиХ“, рече Ненад Стевандиќ, претседател на Собранието на РС денеска (23 декември).

Видете и ова: Санкции од САД за Сташа Кошарац, лица и фирми поврзани со семејството Додик

Тој додаде дека во пресрет на собраниската седница ќе бидат изготвени предлози за заклучоци, без да наведе дали некој од нив ќе се однесува на судскиот процес за Додик.

Обвинителството на Босна и Херцеговина на 11 август минатата година поднесе обвинение против Додик, бидејќи тој потпишал претседателски декрети и со тоа прогласил за валидни два ентитетски закони, кои претходно беа поништени од високиот претставник Кристијан Шмит.

Освен него, Обвинителството го обвинува и Милош Лукиќ дека како в.д директор на Службен весник на РС, овозможил објавување на указите на Додик.