Унгарскиот заем најверојатно достапен од февруари, прогнозираат банките

Илустрација - Македонски денари

Компаниите најверојатно од февруари идната година ќе може да ги користат средствата од унгарскиот заем, прогнозираат банките. Тие сe уште ги немаат добиено договорите од Развојната банка, но уверуваат дека потпишувањето ќе оди брзо.

Бизнисот е дециден дека поддршката му треба и бара „средствата да се користат за добри проекти“, без разлика за која дејност станува збор. Притоа, се нагласува, фокусот треба да биде ставен на производните компании. Што поскоро парите станат достапни, тоа подобро, порачува стопанството.

„Tреба да помине еден административен период во кој ќе се подготви постапката, а постапката е: детално условите се дефинират од Развојната банка и тие договори треба да дојдат до банките каде формално ќе се потпишат. Од тој момент фирмите ќе може да пристапуваат до банките за аплицирање за кредитите“, вели Нина Неданоска, претставничка на една од банките кои денеска (23 декември) се сретнаа со бизнис секторот.

Потпретседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, посочи дека производните компании се есенција во македонското општество, носат додадена вредност и кредитите треба да дојдат кај нив.

„Се проби мразот, конечно имаме 15 години рок на плаќање, што е од есенцијално значење. Три години грејс период, потенцијално уште 12 години рок на плаќање, што значи дека тие помали рати кои ќе се добијат, компаниите остатокот од средствата ќе можат да го искористат во својата ликвидност или дополнително да инвестираат во самите компании зашто секој добар бизнисмен тоа го прави“, нагласи Ѓорѓиевски.

Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Менди Ќура вели дека бизнис заедницата бара средствата повеќе да бидат насочени кон производството, но да ги користат и другите дејноси кои имаат добри проекти.

„Само најавата на 250-те милиони евра за бизнис заедницата дава до знаење банките да ги намалат каматните стапки кои досега беа многу високи. Значи, самата најава дава позитивна насока зашто стапките беа 5, 6 и 7 отсто, највисоки во овие години“, рече Ќура.

Видете и ова: Мицкоски: Фирмите ќе добиваат кредити од унгарскиот заем со камата од 1,95 отсто

Универзитетскиот професор Синиша Наумовски смета дека бенефит ќе имаат сите чинители, посебно Владата и банките, но и стопанството.

„Двете страни може да излезат како победници. Банките добиваат нови апликанти за кредити од сите гранки кои може да донесат 3,7 отсто раст. Инаку, не можеме да гледаме еднострано, само на бизнисите. Треба да гледаме и од страна на банките зашто и тие може да се доведат во ситуација да бидат притиснати зашто имаат кредитен ризик“, истакна професорот.

Според него, секоја компанија може да избере кај која банка сака да земе кредит, но и секоја банка може да одлучи чиј проект ќе евалуира.

„Ние сакаме парите да бидат што повеќе искористени, а дали ние ги плаќаме каматите, не би рекол, зашто тие на крај повторно завршуваат во макроекономијата. Не може да немате позитивен коментар на поголем раст на компаниите, мора да им помогнеме сега и бараме механизми. Дали ќе бидат приватни со приватни или државни, тоа се веќе пазарни услови во кои секој може да прави секакви бизнис релации“, одговори професорот на прашањето зошто кредитот на фирмите да го враќаат (субвенционираат) граѓаните.

Тој ја гледа ползата во тоа што секоја фирма вработува граѓани кои имаат семејства и затоа е важно, како што рече, фирмата да биде профитабилна.

За унгарскиот заем, Собранието на 17 септември изгласа посебен Закон по што на 8 октомври во Будимпешта следуваше потпишување на договорот меѓу министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и претставници на унгарската Експорт-импорт банка.

Кредитите за компаниите се дел од 500 милиони евра заем кој Северна Македонија го доби од Унгарија.

Половина од парите се за инфраструктурни проекти на општините, а половина ќе одат како кредити за фирми.

250 милиони евра за компаниите ќе одат преку Македонската инвестициска банка и ќе се пренесат во комерцијалните банки каде што фирмите ќе аплицираат за кредити.

Македонскиот премиер Мицкоски и неговиот унгарски колега, Виктор Орбан, го договорија кредитот на маргините на НАТО самитот во Вашингтон, во јули годинава.