Одобрени пет кандидати за претседателските избори во Белорусија

Александр Лукашенко, претседател на Белорусија

Белоруската Централна изборна комисија (ЦИК) соопшти дека пет кандидати, вклучувајќи го и Александар Лукашенко, се пријавени за претседателските избори следниот месец, први откако по изборите пред четири години избувнаа немири, а опозицијата тврдеше дека гласањето било наместено.

Лукашенко, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, се очекува лесно да стигне до седмиот последователен мандат, бидејќи другите четворица кандидати објавени од ЦИК на 23 декември се сметаат за провладини кандидати.

„Лукашенко го објави датумот на неговиот „реизбор“ - 26 јануари. Тоа не е вистински изборен процес, спроведен во атмосфера на терор“, изјави прогонетата опозициска лидерка Свјатлана Циханускаја, која се кандидираше против Лукашенка на изборите во август 2020 година, откако нејзиниот сопруг Сјархеј Цихануски, беше уапсен и затворен за време на кампањата.

„Нема да бидат дозволени алтернативни кандидати или набљудувачи. Ги повикуваме Белорусите и меѓународната заедница да ја отфрлат оваа фарса“, нашиша Циханускаја на платформата X.

ЦИК соопшти дека покрај Лукашенко, Олех Гајдукевич, Серхеј Сиранков, Ана Конапатскаја и Аљаксандер Хижњак добиле одобрение да учествуваат на изборите.

Видете и ова: Лукашенко се закани со исклучување на интернетот доколку има протести за претседателските избори

Масовните улични протести следеа по спорните претседателски избори во 2020 година кои го продолжија долгогодишното владеење на Лукашенко за уште еден мандат.

Изборите беа широко осудени како фалсификат од страна на Соединетите Држави, Европската Унија и другите меѓународни актери.

Протестите, на кои се бараше оставка на Лукашенко, беа дочекани со масовни апсења, наводни мачења и насилни репресии во кои загинаа неколку луѓе.

Цихануски, како и други опозициски политичари и активисти, беа уапсени, а многумина беа осудени на долги затворски казни. Многу опозициски лидери остануваат во затвор или во егзил, додека Лукашенко одбива дијалог со неговите критичари.

Циханускаја беше принудена на егзил во 2020 година. Нејзиниот сопруг подоцна беше осуден за организирање на немири, меѓу другите обвиненија, и беше осуден на 18 години затвор.