Студентите излегоа на нов протест во Белград

Протест на студентите во Белград, 22 декември 2024 г.

Дел од студентите кои веќе неколку недели ги блокираат факултетите на универзитетот во Белград, денеска (22 декември) го блокираа и белградскиот плоштад „Славија“.

Ова беше уште еден во низата протести на кои се бара одговорност за трагедијата во Нови Сад каде на 1 ноември при пад на настрешницата на железничката станица загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.

Околните улици околу плоштадот беа затворени за сообраќај, а на протестот се собраа илјадници луѓе.

Дел од демонстрантите носеа транспаренти на кои пишуваше „Генерален штрајк на студентите и работниците во солидарност“, „Матурантите се со студентите“, „Секоја акција предизвикува реакција“.

Протест на студентите во Белград.

Во 16:30 часот започна и петнаесетминутниот молк за жртвите од трагедијата во Нови Сад, а некои од насобраните демонстранти ги вклучија светилките на мобилните телефони.

Едно од барањата на организаторите на протестот е и лицата кои напаѓаа демонстранти да бидат идентификувани и кривично гонети.

Тие бараат и ослободување на уапсените активисти на протестите и запирање на кривичната постапка против нив.

Во блокадите, на студентите им се придружија и голем број земојделци, актери, просветни работници…

Секој ден во Србија дел од студентите, учениците и граѓаните застануваат по 15 минути на градските сообраќајници, со цел да им оддадат почит на жртвите од падот на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад.

Блокирани се над 50 факултети на четири државни универзитети, неколку ректорати и десетици средни училишта.

Под притисок на јавноста, српскиот претседател Александар Вучиќ на 11 декември најави дека на веб-страницата на Владата ќе бидат објавени 195 документи, тврдејќи дека тоа е целосната документација за железничката станица во Нови Сад.

Видете и ова: Градежниот факултет во Белград тврди дека објавените документи за Железничката станица не се комплетни

И додека надлежните тврдат дека ги исполниле сите нивни барања, студентите велат дека објавената документација не е целосна и не одговара на прашањето кој е одговорен и што се случило.

Градежниот факултет во Белград на 19 декември објави дека направил прелиминарна анализа на расположливата документација за зградата на железничката станица во Нови Сад, објавена на веб-страницата на Владата и дека заклучокот е оти недостигаат клучните документи.

Бетонската натстрешница во Нови Сад се урна само неколку месеци по свеченото отворање на железничката станица откако реконструкцијата траеше три години, а официјалните лица тврдеа дека таа е направена според највисоките европски стандарди.

13 лица беа уапсени поради сомневање за пропусти при реконструкцијата. Меѓу нив беше и поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ, кој по неколку дена излезе од притвор.