Пекинг за новата американска помош за Тајван: Вашингтон да не си игра со оган

Кинеската крајбрежна стража (во средината) помеѓу бродови на тајванската крајбрежна стража во водите источно од Тајван.

Кинеската влада излезе со критика за најновата американска најава за продажба на оружје на Тајван, предупредувајќи го Вашингтон да не си игра со оган.

Ова следува откако американскиот претседател Џо Бајден на 22 декември одобри пакет помош од 571 милион долари за Тајван.

Одделот за одбрана еден ден претходно објави дека го одобрил пакет помош од 295 милиони долари.

Во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи се повикуваат САД да престанат да го вооружуваат Тајван и да ги запрат, како што се наведува, „опасните потези кои го поткопуваат мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец“.

Видете и ова: Кина ги предупреди САД да ја прекинат воената соработка со Тајван

Кина го смета Тајван за своја територија, а американската продажба на воена опрема и друга помош има за цел да му помогне на Тајван да се одбрани и да го одврати Пекинг од воен напад.

Новата воена помош доаѓа набргу по претходниот пакет од 567 милиони долари на крајот на септември. Тој вклучува и 265 милиони долари за купување на приближно 300 тактички радио системи.

Министерството за надворешни работи во Тајпеј го поздрави одобрувањето на двете продажби, објавувајќи на социјалната мрежа Икс дека со тоа се потврдува „посветеноста“ на американската влада кон Тајван.