Русија лансираше стотина дронови кон Украина

Снимки од дронови покажуваат уништени станбени и деловни згради во градот Торек во областа на Донецк, Украина, 19 декември 2024 г.

Русија денеска (22 декември) лансираше повеќе од 100 беспилотни летала кон Украина, од кои половина биле соборени, тврди украинската војска.

Украинското воздухопловство соопшти дека кон регионите Херсон, Миколаев, Чернихив, Суми, Полтава, Харков, Запорожје, Житомир и Киев биле лансирани беспилотни летала при што 52 од вкупно 103 биле соборени.

Во овие напади, според украинската војска биле оштетени деловни објекти и станбени згради, но нема жртви.

Киев во пламен по масовниот руски напад

Во последните недели, Русија ги засили своите воздушни напади против Украина, а украинскиот претседател Володимир Зеленски на 21 декември рече дека Москва само изминатата недела лансирала повеќе од 550 наведувачки бомби, речиси 550 беспилотни летала и 20 проектили.

Од почетокот на војната, Русија систематски ја гаѓа цивилната и енергетската инфраструктура на Украина, интензивирајќи ги нападите особено на почетокот на грејната сезона со што предизвикува тешкотии и прекини на електричната енергија за Украинците трета зима по ред.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Украинка „презимува“ во Скопје, поради руските напади и прекини на струја во Киев

Киев ја обвинува Русија дека цели на станбени згради, додека Москва ги отфрла обвинувањата.

Последниот напад со стотина дронови доаѓа еден ден откако украинските сили со дронови погодија висококатници во Казан, главниот град на руската република Татарстан, богата со нафта.

Украина инвестира многу во производството на беспилотни летала, делумно за да го компензира недостатокот на војници на бојното поле.

Видете и ова: Напад со дронови во рускиот град Казан

Претходно овој месец, украинското Министерство за одбрана соопшти дека на вооружените сили во првите 11 месеци од 2024 година им префрлило 1,2 милиони беспилотни летала.

Украинските сили изминатиот период ги користеа дроновите со долг дострел за да целат кон објекти кои се клучни за руските воени сили, како што се места со оружје и енергетски објекти. Тие се обидоа да избегнат цивилни цели делумно поради загриженост за тоа каква реакција ќе има од нивните западни поддржувачи.