Унгарскиот десничарски премиер Виктор Орбан изјави дека неодамнешниот предлог на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, земјите-членки на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана ќе ја осакати унгарската економија.
Според неодамнешните извештаи во британските медиуми „Фајненшл тајмс“ и „Телеграф“, тимот на Трамп ги информирал европските претставници дека новоизбраниот претседател очекува сојузниците на САД во НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана на 5 отсто од националниот бруто домашен производ (БДП).
Говорејќи на брифинг со новинарите на 21 декември, Орбан рече дека Унгарија веќе се „испотила“ за да ја достигне сегашната цел од 2 проценти и ако сега „треба да се зголемат тие 2 проценти, тоа ќе ја застрела унгарската економија директно во гради“.
„Ние повеќе би сакале да не трошиме ни 2 отсто од БДП на оружје … Но, светот оди во спротивна насока“, рече тој.
Видете и ова: Членките на НАТО се договорија приоритет да биде заштитата на украинската инфраструктураОрбан, кој е обвинет дома и во странство за назадување на демократијата, исто така рече дека не разговарал за ова со Трамп, додавајќи дека ако зголемувањето е неизбежно, тогаш тоа треба да биде постепено. Унгарија планираше да потроши 2,1 отсто од БДП во 2024 година за одбрана.
Орбан е еден од главните сојузници на Трамп во Европа и на 9 декември тој се сретна со новоизбраниот претседател во неговата резиденција на Флорида. Додека трае војната во Украина, Орбан одржува пријателски врски и со рускиот претседател Владимир Путин, а ја критикуваше помошта од ЕУ за Украина и ги попречуваше санкциите на блокот против Москва.
За време на неговиот прв мандат како претседател помеѓу 2016 и 2020 година, Трамп редовно ги повикуваше членките на НАТО да го исполнат потребното ниво на одвојување 2 проценти од домашниот БДП за одбраната, цели кои повеќето од земјите ги исполнија.
Раководството на НАТО во минатото изјави дека придонесот на земјите-членки ќе треба да биде поголем, особено ако се земе предвид конфликтот во Украина. Пред да замине од функцијата, поранешниот генерален секретар Јенс Столтенберг рече дека членките на Алијансата „ќе мора да бидат подготвени да ја платат цената за мирот“ и оцени дека сегашните 2 проценти „повеќе не се доволни за да се сочува безбедноста“.
Видете и ова: Сојузниците на НАТО ќе треба да инвестираат речиси три проценти од БДП во одбранатаИ неговиот наследник, актуелниот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, на самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта во ноември рече дека земјите-членки ќе треба да платат повеќе.
„Ќе ги надмине тие 2 проценти многу повеќе. Јас сум сосема јасен за тоа“, рече Руте.
САД придонесуваат со околу 16 отсто во заедничкиот буџет на НАТО и го имаат најголемиот удел заедно со Германија.
Соединетите држави, исто така, ќе потрошат околу 967 милијарди долари за одбраната во 2024 година, што е околу две третини од она што сите останати членки на НАТО ќе го потрошат заедно.