Пакистанските воени судови осудија 25 лица за учество во нападите врз воени објекти во мај 2023 година.
Од секторот за односи со јавност на пакистанските вооружени сили, во соопштение денеска (21 декември) наведоа дека 25 обвинети добиле казни во опсег од две до 10 години.
На 9 мај 2023 година, по апсењето на поранешниот пакистански премиер Имран Кан во случај за измама, приврзаниците на неговата партија – Пакистан Техрик-е Инсаф (ПТИ), нападнаа и оштетија воени инсталации, џамии и владини згради во градовите низ Пакистан.
Во немирите загинаа неколку луѓе, а десетици беа повредени.
Видете и ова: Договорен прекин на огнот по насилствата во ПакистанВо своето соопштение, пакистанските вооружени сили ги опишаа казните како „важна пресвртница во правораздавањето“.
Се додава дека 9 мај 2023 година бил тажен ден за земјата и официјално ќе се одбележува секоја година.
Како одговор на пресудите, ПТИ на социјалната мрежа Икс обвини дека воените судови ги прекршиле уставните и човековите права на обвинетите.
Партијата на Кан соопшти дека судскиот процес не е транспарентен и оти околу 80 луѓе се во воен притвор поради немирите, а нивните основни права се повредени.
Поддржувачите на затворениот поранешен премиер, кој е обвинет за поттикнување напади против вооружените сили, изразија загриженост бидејќи воените, а не цивилните судови судат некои од случаите. Тие организираа повеќемесечни протести барајќи ослободување на Кан.
Партијата ПТИ тврди дека нејзините членови и поддржувачи не нападнале воени или владини згради на 9 мај 2023 година.
Видете и ова: Уапсени околу 1000 приврзаници на Кан на протестот во ИсламабадМинатата година пакистанскиот Врховен суд пресуди дека на цивилите треба да им се суди во цивилни, а не во воени судови. Сепак, на 13 декември, Врховниот суд ја суспендираше одлуката и им дозволи на воените судови да разгледуваат и цивилни случаи.
На другите обвинети за насилството им се суди пред антитерористичките судови.
ПТИ редовно води кампањи против корупцијата и непотизмот во Пакистан, но е обвинета за популизам и авторитарни тенденции насочени околу нејзиниот лидер Кан.