Предупредувања за нови воздушни напади низ Украина

Луѓе се засолнуваат во метро станица во Киев за време на алармот за воздушен напад на 20 декември.

Во сите региони на Украина е објавено предупредување за воздушен напад поради можни истрели со балистички ракети, соопштија украинските воени власти.

Според податоците на украинските воздухопловни сили од денеска (21 декември), Русија продолжила со редовните напади врз украинските градови и инфраструктура во текот на ноќта, лансирајќи 113 дронови. Од нив, 57 биле соборени, а останатите 56 не успеале да стигнат до своите цели, соопшти военото воздухопловство.

Видете и ова: ЕК го осуди рускиот напад врз зградата во Киев, коja e седиште на македонската и пет други амбасади

Украинските воздухопловни сили, исто така, објавија дека Русија истрелала една ракета С-400 кон централна Украина, но таа не предизвикала никакви штети и нема жртви.

Украинскиот сервис на РСЕ јави дека во источниот украински регион Запорожје и во Харкив соборени беспилотни летала оштетиле станбени згради, предизвикувајќи жртви.

Вчера (20 декември) Украина неколку часа беше под општа тревога за воздушен напад откако Русија започна ракетни и напади со дронови врз главниот град Киев и неколку други региони низ земјата.

Во нападот беше погодена и зградата каде е сместена македонската амбасада.

Руското напредување

Последните напади доаѓаат додека украинските сили се борат да го запрат брзото напредување на Русија на истокот од земјата.

Руското Министерство за одбрана на 21 декември објави дека руските сили ја презеле контролата врз селото Костјантинополске во источниот украински Донецк.

Тврдењето за заземањето селото, кое Русија го нарекува Островски, новинската агенција Ројтерс наведува дека не може да го потврди од независни извори.

Видете и ова: Напад со дронови во рускиот град Казан

Во меѓувреме, Ројтерс го цитираше Александар Хинштајн, вршител на должноста гувернер на руската област Курск, кој рече дека шест лица, меѓу кои едно дете, загинале во украинскиот ракетен напад на 20 декември врз градот Рилск.

Украина зазеде територии во регионот Курск со ненадеен упад во август, но потоа се откажа од околу половина од своите територијални придобивки.

Беспилотни летала, за кои се смета дека се од Украина, исто така погодија висококатници во Казан, главниот град на руската република Татарстан што предизвика тамошниот аеродром привремено да ги прекине летовите. Нема информации за жртви.