Премиерот на Словачка Роберт Фицо предупреди на можноста од гасна криза бидејќи Украина одбива да го продолжи договорот за транзит на природен гас низ нејзина територија кој истекува со крајот на оваа година, пренесува Ројтерс.
Украина постојано најавуваше дека нема да го продолжи договорот со Русија за транзит на гас, бидејќи двете земји се во војна.
Словачка, која има долгорочен договор со рускиот гасен гигант Газпром, се обидува да продолжи да добива гас преку Украина, бидејќи тврди дека купувањето на друго место ќе ја чини 220 милиони долари повеќе за транзит.
Фицо ова прашање го покрена и на самитот на Европската унија во Брисел, каде присуствуваше и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој повтори дека неговата земја нема да дозволи понатамошен транзит на руски гас низ нејзината територија.
„Јасно е дека се соочуваме со гасна криза благодарение на претседателот Зеленски“, рече Фицо на 20 декември на прес-конференција во Братислава.
Видете и ова: Вучиќ и Фицо заедно на воена парада во Москва, најави словачкиот премиерФицо претходно го отфрли предлогот на Зеленски кој кажа дека Киев би можел да размисли за продолжување на транспортот на руски гас, но под услов Москва да не добива профит за испорака додека не заврши војната.
Европската комисија соопшти дека нема интерес рускиот гас да продолжи да тече низ Украина.
Фицо ја посочи можноста неговата земја да разгледа „реципрочни мерки“ доколку не продолжи транспортот на гас преку Украина.
Во последниве години, Словачка и дава енергија на Украина, како што се струја и гориво, а обезбедува и хуманитарна помош за својот сосед.
Но, владата во Словачка се смени. Новиот премиер Фицо ја откажа државната воена помош за Киев и смета дека нема решение за војната во Украина. Тој ги критикува и санкциите против Москва.