Напад со дронови во рускиот град Казан

Пожар во станбена зграда во Казан откако беше погодена со дрон.

Во напад со беспилотни летала погодени се висококатници во Казан, главниот град на руската република Татарстан, што предизвика привремен прекин на летовите од тамошниот аеродром.

Татарско-башкирскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) јави дека властите на Татарстан соопштија оти утрото на 21 декември Казан бил нападнат со осум дронови, а најмалку пет од нив погодиле станбени згради.

Руското Министерство за одбрана тврди дека беспилотните летала биле од украинско потекло, додека украинските власти не дадоа никаков коментар.

Според соопштението од канцеларијата на градоначалникот на Казан објавено на апликацијата Телеграм, дроновите гаѓале станбени области во три делови на градот.

Снимките на социјалните мрежи покажуваат неколку случаи како беспилотни летала удираат во висококатници, по што избувнува пожар.

Евакуирани училишта

Учениците биле евакуирани од училиштата во Казан и во градот се слушаат сирени, пренесува татарско-башкирскиот сервис на РСЕ.

Нема официјално соопштение за евентуални жртви.

Според информациите на Интерфакс, градоначалникот на Казан, Илсур Метшин, изјавил дека луѓето од погодените згради се евакуирани и им се обезбедува сместување и храна.

Казан се наоѓа на околу 800 километри источно од Москва.

Во соопштението, руското Министерство за одбрана наведе дека „украинско беспилотно летало е уништено над територијата на Република Татарстан од страна на дежурните сили за воздушна одбрана“.

Руската Федерална агенција за воздушен транспорт објави дека „на 21 декември утрото на аеродромот во Казан биле воведени привремени ограничувања со цел да се обезбеди безбедност на цивилните летови. Пристигнувањата и полетувањата се прекинати“.

Видете и ова: Напади со дронови врз индустриски цели во рускиот регион Татарстан

Украинските напади со беспилотни летала претходно беа насочени кон руски воени и индустриски локации во регионот.

Претходно, на 15 мај локалните власти исто така на неколку часа затворија два главни аеродроми – еден во Казан и друг во градот Нижнекамск, „од безбедносни причини“ откако беше извршен напад со дронови. Руското Министерство за одбрана и тогаш соопшти дека е соборен „украински дрон“ над Татарстан.

Во април, украински беспилотни летала погодија рафинерија за нафта во Татарстан и студентски дом во специјалната економска зона Алабуга во Јелабуга, каде што се сместени повеќе од 20 индустриски претпријатија, вклучувајќи хемиски, машински инженеринг и фабрики за обработка на метали. Таму, наводно, се наоѓа и објект за производство на дронови.