Вучевиќ: Студентите што не протестираат имаат право да полагаат испити

Протест на студенти пред ректоратот во Белград

Протест на студенти пред ректоратот во Белград

Српскиот премиер Милош Вучевиќ на 20 декември изјави дека студентите кои не протестираат на факултетите имаат право да полагаат испити и дека очекува деканите и професорите да ги разберат овие студенти.

Вучевиќ се сретнал со, како што се вели во владиното соопштение, „легитимно и легално избраните студентски претставници на сите универзитети во Србија“. По средбата изјавил дека дека заклучил оти студентите се многу загрижени дали и како ќе заврши семестарот и како ќе биде организиран јануарскиот испитен рок.

„Студенти на премиерот му поставиле „бројни прашања на кои очекуваат одговор, но и помош од државата“, е наведено во владиното соопштение.

„Ги интересира дали ќе се намалат школарините бидејќи немале настава поради блокадите на факултетите, што ќе биде со оние кои требаше да завршат во овој период, а беа спречени да го сторат тоа, а чекаа вработување. и многу други работи поврзани со нивиот стандард“, изјави Вучевиќ.

Тој оцени дека „недозволиво е професорите да ги делат студентите на оние кои протестираат и оние кои сакаат да одат на часови“ и додаде дека „последниве се најмногу дискриминирани“.

„Очекувам деканите и професорите да ги разберат и двете, бидејќи мнозинството студенти не учествуваат во блокадите“, рече премиерот.

Видете и ова: „Мислам, затоа блокирам“ - собир за поддршка на студентските блокади во Нови Сад


Според Вучевиќ српската владата ги исполнила сите барања на студентите- демонстранти и се друго што се случува е чиста политизација“.

Студентите кои ги блокираат факултетите ги отфрлаат овие наводи.

Во Србија блокирани се повеќе од 50 факултети на четири државни универзитети, неколку ректорати и десетици средни училишта.

Студентите на блокадите бараат политичка и кривична одговорност за падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, објавување на сите документи поврзани со реконструкцијата на станицата и зголемување на буџетот на факултетот.

Надлежните тврдат дека се исполнети сите барања на студентите, меѓу другото, како што велат, објавена е и документацијата за реконструкција на Железничката станица во Нови Сад.

Групата студенти на блокадата соопшти дека со објавувањето на документацијата не се дава одговор на прашањето кој е одговорен и што се случило.

Бетонската настрешница на зградата на станицата во Нови Сад се урна само неколку месеци по свеченото отворање на станицата по тригодишна реконструкција и тврдењето на надлежните дека е изградена по највисоки европски стандарди.

13 лица се уапсени под сомнение дека се одговорни за падот на настрешницата.

Меѓу нив беше и до неодамна министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ, кој по неколку дена беше пуштен од притвор.