ЕК го осуди рускиот напад врз зградата во Киев, коja e седиште на македонската и пет други амбасади

Знамињата на Европската унија се веат пред зградата на Европската комисија во Брисел на 12 април 2024 година.

Европската комисија го осуди руски ракетен напад на 20 декември врз зграда во Киев во која се сместени шест странски дипломатски претставништва, меѓу кои и македонската, црногорската и албанската амбасада во Украина.

„Овој напад уште еднаш покажува дека криминалната природа на (рускиот претседател Владимир) Путин претставува опасност за Украина, за Европската Унија (ЕУ) и за нашата севкупна безбедност, изјави портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер.

Хипер одговарајќи на новинрското прашање дали Европската Комисија има намера да вложи дипломатски протест до Русија, затоа што меѓу тие шест земјие, една е членка на ЕУ, кусо одговори дека Комисијата „ќе ја процени ситуацијата и ќе реагира“.

Видете и ова: Прогласена тревога во Одеса и регионот

Од црногорското Министерство за надворешни работи за Радио Слободна Европа велат дека прозорците на просториите на Амбасадата се оштетени како последица на експлозија што се случила во нејзина близина.

Во моментот на експлозијата, амбасадорот и персоналот на Амбасадата не беа во објектот. Нема повредени“, соопшти црногорското Министерство, додавајќи дека тие се безбедни и ги следат упатствата на украинските власти.

Претходно, високата претставничка на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Каја Калас изјави дека ниту една дипломатска мисија никогаш не треба да биде цел.

„Ова е уште еден варварски напад на Русија врз цивилни цели, што покажува дека нема волја за мир“, напиша таа на социјалната мрежа Х.

Претходно, македонското Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, откако го осуди нападот информираше дека при нападот нема повредени меѓу нашиот дипломатскиот персонал, но е причинета материјална штета на Амбасадата.

„Од страна на надлежните служби е извршен првичен преглед на штетите на лице место и веќе се работи на нивно санирање“, соопшти Министерството.

Руската инвазија на Украина започна во февруари 2022 година.