Градежниот факултет во Белград тврди дека објавените документи за Железничката станица не се комплетни

Нови Сад, Србија--Железничка станица еден месец по падот на настрешницата од зградата на станицата, во која животот го загубија 15 лица

Градежниот факултет на Белградскиот универзитет соопшти дека во објавената документација за реконструкција на железничката станица во Нови Сад, недостига, како што се наведува, клучна документација.

Владата на Србија, под притисок на јавноста, на својата веб-страница ја објави документацијата за реконструкцијата на станицата, која официјално беше отворена во јули, а каде по падот на бетонската настрешница во ноември загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени. 1.

Надлежните тврдат дека објавената документација е комплетна.

Но, од белградскиот Градежен факултет велат дека врз основа на нивната прелиминарна анализа, во објавените документи, меѓу другото, недостига дел од проектната документација - идејниот проект, проектот за одобрението за градба, проектот за градбата и проектот за готовиот објект.

Тие наведуваат и дека недостигаат изјави од инвеститори, изведувачи и стручен надзор дека работите се вршеле од сите аспекти според проектот за изведба.

Понатаму велат дека недостигаат и сите договори и анекси на договори со подизведувачи.

Посочуваат и дека недостигаат најмалку осум предмети поврзани со документацијата на градилиштето, како и дел од документацијата што е во надлежност на инвеститорот и надлежност на Републичката градежна инспекција.

Реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад траеше три години.

Видете и ова: „Мислам, затоа блокирам“ - собир за поддршка на студентските блокади во Нови Сад

Од објавената документација што ја анализира Радио Слободна Европа, произлегува дека работите на железничката станица во Нови Сад не биле завршени во моментот на несреќата, иако во јули официјално била отворена во присуство на официјални лица.
По падот на настрешницата, првите изјави на изведувачот и претставници на министерството беа дека таа „не е предмет на реконструкција“.

Сепак, дел од вештаците кои се занимаваа со реконструкцијата, како и фотографиите и видеата кои беа анализирани деновите по несреќата, ги демантираат тие наводи.

Обвинителството осомничи 13 лица, меѓу кои и поранешниот министер за градежништво, Горан Весиќ, за пропусти во врска со реконструкцијата на станицата.

По несреќата следеа масовни протести, а едно од барањата на опозицијата, дел од граѓаните, но и студентите кои изминативе неколку недели ја блокираа работата на факултетот беше да се објави целата документација.

Под притисок на јавноста, српскиот претседател Александар Вучиќ на 11 декември најави дека на веб-страницата на Владата ќе бидат објавени 195 документи, тврдејќи дека тоа се целосни документи.

Некои експерти, предводени од инженерот Зоран Ѓајиќ, како и неколку невладини организации, изразија сомнеж дека е објавена целосната документација.

Сомнеж изразија и студентите кои ја блокираат работата на десетици факултети, тврдејќи дека нивното барање за објавување документи не е целосно исполнето.