За Украина е особено важно од почеток на следната година да постои единство меѓу САД и европските земји, порача украинскиот претседател Володомир Зеленски пред почеток на денешниот Самитот на ЕУ во Брисел.
„Тоа е особено важно, затоа што тоа единство ни е потребно за да обезбедиме мир. Само заедно, САД и Европа навистина ќе може да го запрат рускиот претседател Владимир Путин и да ја спасат Украина“, изјави Зеленски при доаѓањето на Самитот во придружба на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Зеленски притоа се заблагодари за европската поддршка за украинскиот народ и го поздрави единството што постои во ЕУ по ова прашање, нагласувајќи дека со европските лидери ќе разговара за итните потреби на Украина во зајакнувањето на нејзината инфраструктура.
„Наш врвен приоритет, и за тоа ќе разговараме денес, е заштита на нашиот енергетски сектор. Тука говорам и за сигурноста на нуклеарните централи, што може да претставуваат опасност не само за Украина, туку и за Европа ако нешто тргне како што не треба, како и за заштитата на складиштата со гас, кои исто така се важни и за Украина и за другите Европејци“, рече Зеленски.
Видете и ова: Лидерите на ЕУ и земјите од Западен Балкан на самит во БриселТој додаде дека, според него, потребно е и удвојување или зголемување колку што е можно повеќе на украинското одбранбено производство од што зависи резултатот на бојното поле, како и обезбедувањето на сигурноста на училиштата, што е особено важно за украинските деца и нивните семејства.
Кошта од своја страна порача дека ЕУ мора да бидеме многу јасна дека Украина може да смета на нејзината целосна поддршка за што и да e и онолку колку што е потребно и сега во време на војна и во иднина во услови на мир. Тој потенцираше дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува и да работи со Украина за таа да извојува победа во војната и да обезбеди сеопфатен, праведен и одржлив мир.
„Оваа војна е во Украина, е против украинските граѓани, е на европска почва и ги крши универзалните принципи наведени во Повелбата на Обединетите Нации, како правото на самоопределување, правото на територијален интегритет и право на безбедни граници. Затоа оваа војната не е само за Украина и не е само за Европа, туку е и за меѓународното право. Правото мора да надвладее и инвазијата мора да биде поразена“, изјави Кошта.
Зеленски учествува на делот од Самитот на ЕУ посветен на состојбата во Украина и треба да ги информира своите колеги за најновите случувања на теренот и за неговите ставови за тоа како Европа може најдобро да ја поддржи неговата земја.