Шефовите на држави и влади на Европската унија усвоија декларација на крајот од самитот ЕУ-Западен Балкан кој се одржа денеска (18 декември), во Брисел.
Во неа, нагласија дека ја потврдуваат својата „целосна и недвосмислена посветеност“ на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ.
„Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија“, се наведува во декларацијата и се додава дека „Проширувањето на ЕУ е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот, како што е наведено во Декларацијата од Гранада“.
Лидерите на ЕУ изјавија дека „во контекст на радикалните промени во глобалната геополитичка ситуација, руската воена агресија против Украина и конфликтите на Блискиот исток и на почетокот на новиот лидерски циклус на ЕУ, стратешкото партнерство меѓу Европската унија и Западен Балкан е поважно од кога било“.
Документот ја поздравува решеноста на партнерите од Западен Балкан да ги почитуваат и да се посветат на основните европски вредности и принципи, во согласност со меѓународното право и обновената посветеност на приматот на демократијата.
Преку него, се порачува дека владеењето на правото, слободата на изразување, независните и плуралистички медиуми и силната улога на граѓанското општество, се клучни за обезбедување на функционална демократија.
„Во оваа смисла, постапките ќе зборуваат погласно од зборовите бидејќи партнерите преземаат одговорност и ги спроведуваат неопходните реформи“, се наведува во текстот од самитот ЕУ-Западен Балкан.
Се вели и дека поддршката за Украина останува јасен знак за стратешка ориентација.
Сите земји од Западен Балкан се повикани да „остварат брз и одржлив напредок кон целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, вклучувајќи санкции, нивно спроведување и спречување на тоа тие да бидат заобиколени.
Видете и ова: Нашето место е во ЕУ, порачува Мицкоски од БриселОд лидерите од регионот, на самиот учествуваа македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, премиерот на Албанија, Еди Рама, претседавачот со Претседателството Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Во однос на регионалната соработка, беше истакнато дека помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи, вклучително и оние со земјите-членки на ЕУ, се составен дел од процесот на проширување.
„Сè уште е потребно вложување на дополнителни одлучни напори за помирување и регионална стабилност, како и изнаоѓање и спроведување на дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови меѓу партнерите и проблемите вкоренети во наследство од минатото, сето тоа во согласност со меѓународното право“, се вели во декларацијата.
Лидерите на ЕУ посочија дека „недостигот од нормализација на односите меѓу Приштина и Белград ги кочи двата партнера“ и ги повикаа Србија и Косово, без одлагање, да ги спроведат сите договори постигнати во рамките на дијалогот за нормализација на односите, вклучително и Договорот за патот кон нормализација.
Тие го поздравија и усогласувањето на декларацијата од страна на партнерите од Западен Балкан.
За 10 години повеќе земји излегоа од ЕУ отколку што влегоа
Овој самит е прв на кој учествува новиот состав на Европската комисија.
Новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта рече дека ова е важен собир, бидејќи ЕУ и Западен Балкан припаѓаат на исто европско семејство.
„Не само што делиме ист континент, туку поважно е да споделуваме заеднички вредности“, рече Коста.
Претседателот на Европскиот совет уште еднаш потврди дека проширувањето е приоритет на новите структури во ЕУ.
Шефицата за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас, пред почетокот на самитот изјави дека регионот на Западен Балкан е многу важен за ЕУ.
„Јасно е дека Европската комисија заедно со мене навистина сака да види напредок во процесот на проширување во следните пет години од мандатот и ние сме подготвени да работиме на тоа“, рече Калас.
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, истакна дека во последната деценија повеќе земји ја напуштиле Европската унија отколку што влегле во неа, додавајќи дека „време е да се смени тој тренд“.
„Проширувањето е најмоќната геополитичка алатка на ЕУ и колку е поголема Унијата, толку е помоќна“, рече Мецола и предупреди дека ако ЕУ не работи на тоа да ги вклучи земјите од Западен Балкан, тогаш тоа ќе го искористи некој друг.
Германскиот канцелар Олаф Шолц оцени дека ова е важен самит со земјите на кои пред две децении им беше ветено членство во ЕУ.
„И сега мораме да го завршиме овој процес со сосема ново темпо, така што изгледите за пристапување ќе се трансформираат во вистински пристап“, рече германскиот канцелар.
Шолц додаде дека земјите од Западен Балкан мора да ги спроведат неопходните реформи, но посебен акцент стави на решавање на билатералните прашања, како меѓу земјите од регионот, така и со членките на ЕУ.
Самитот се одржа непосредно по важните одлуки на Брисел поврзани со процесот на проширување. Црна Гора затвори три поглавја во пристапните преговори, а Албанија отвори еден кластер.
Србија се надеваше дека ќе го отвори кластерот 3 во декември, меѓутоа, во отсуство на едногласност меѓу членките, ЕУ го покани Белград да развие преговарачка позиција, а Брисел ќе се занимава со ова прашање по значителен напредок на Белград во однос на владеење на правото и дијалогот со Косово.
Од 2020 година, самитите ЕУ-Западен Балкан станаа редовни и се одржуваат еднаш годишно.