Санкции од САД за Сташа Кошарац, лица и фирми поврзани со семејството Додик

Сташа Кошарац, министер за надворешна трговија и економски односи на БиХ (архивска фотографија)

Сташа Кошарац, министер за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина е ставен на листата на санкции на Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) на Министерството за финансии на САД, објави оваа институција денеска (18 декември).

Кошарац е додаден на листата заедно со уште три лица и четири компании. За него, OFAC наведува дека тој често добива задача од Милорад Додик, претседателот на Република Српска и лидер на Сојузот на независни социјалдемократи кој е под санкции од САД и Велика Британија поради неуставни дејствија, да ја „злоупотреби својата службена положба во корист на Додик“.

„Кошарац ја користел својата позиција за да ја поткопа ефикасноста на државните институции во корист на Додик“, наведува OFAC, додавајќи дека, меѓу другото, во текот на 2024 година го блокирал нормалното функционирање на Советот на министри за да обезбеди номинација на Додик за државна функција.

За останатите на списокот се изречени санкции бидејќи, како што се наведува во соопштението, „се дел од финансиската мрежа на санкционираниот претседател на Република Српска, Милорад Додик и му овозможуваат на семејството Додик да продолжи со обидите да избегне санкции“.

Видете и ова: ЕУ по средбата Додик-Путин: Блиските врски со Русија се некомпатибилни со европскиот пат

OFAC тврди дека останатите санкционирани лица соработувале со децата на Милорад Додик, а санкционирани се и фирми во нивна сопственост.

Изречените санкции значат, меѓу другото, замрзнување на имотот на тие лица и компании во САД, забрана на американските граѓани и компании да работат со нив, додека банките и другите компании и поединци во регионот и светот можат да бидат цел на санкции доколку соработуваат со нив.

„Додик и неговото семејство продолжуваат да се потпираат на доверливи соработници за да ги прикријат своите врски со нови бизниси, збогатувајќи се себеси и соработниците, а во тој процес се обидуваат да ги заобиколат американските санкции“, вели Бредли Т. Смит, вршител на должноста потсекретар на Министерството за тероризам и Финансиско разузнавање.

Тој додаде дека „САД ќе продолжат да ги разоткриваат овие напори и да бараат одговорност од поединците кои ги овозможуваат овие шеми“.

Милорад Додик е под американски санкции од 2017 година, поради заканите за Дејтонскиот мировен договор, а на листата повторно е ставен во 2022 година, и поради заканите за овој договор, но и поради неговата поврзаност со корупцијата во Западен Балкан.

Неговите деца, Горица и Игор Додик, се под санкции од октомври 2023 година, кога OFAC изјави дека тие „овозможуваат продолжување на коруптивните активности на Додик во босанскиот ентитет Република Српска“.