Нашето место е во ЕУ, порачува Мицкоски од Брисел

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски

Mакедонските граѓани и Македонија како држава го заслужуваат своето место со останатите 27 земји членки на Европската Унија, и нашето место е токму тука на истата маса заедно со нив, бидејќи ние споделуваме исти вредности и се бориме за исти вредности и веруваме во тие вредности, а тоа е да бидеме обединети во различностите.

Ова го порача од Брисел премиерот Христијан Мицкоски, кој во престолнината на Европската Унија ја предводи македонската владина делегација на денешниот (18 декември) Самит ЕУ-Западен Балкан.

Мицкоски денеска имал билатерален состанок со заменик претседателката на Европската Комисија и одговорна за надворешна политика и одбранбени прашања Каја Калас.

„Разговаравме за сите оние стравови и за сето она што ние како држава и како народ моравме да го направиме во минатото во име на тие исти европски вредности и дека никогаш повеќе не смееме не само поради нас туку и поради вредностите коишто ги споделуваме со Европската Унија да разговараме за билатерални прашања, за идентитетски прашања, и никогаш повеќе никој нема право да го оспорува нашиот многувековен идентитет и нашиот мајчин, македонски јазик којшто има многувековни корени“, истакнал Мицкоски, како што се посочува во соопштението од владината прес служба.

Посетата продолжува со билатерални средби на македонскиот премиер со премиерот на Полска, Доналд Туск кој ќе биде следниот претседавач на Европска Унија. А предвидена е и билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, по што ќе учествува и на официјалниот Самит на Европската Унија со Западен Балкан.

Видете и ова: Премиерот Мицкоски ќе учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел

Инаку, во најавата на Европскиот совет за Самитот ЕУ-Западен Балкан, се посочува дека лидерите на Унијата и на земјите од регионот ќе го искористат состанокот како можност за продолжување на новиот моментум во нивното стратешко партнерство, вклучително и размислувања за тоа како да се продлабочи тоа партнерство со цел европските партнери од регионот да се движат кон заедничка иднина во Европската Унија.

Предвидено е на Самитот, кој почнува доцна попладнево, да стане збор и за унапредување на интеграцијата на Западниот Балкан со ЕУ преку Планот за раст на регионот, продлабочување на соработката во повеќе области, вклучително и надворешната и безбедносната политика, изградбата на економска основа за заедничката иднината, ублажување на влијанието на руската агресија врз Украина, справувањето со миграцијата и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Утре (19 декември), премиерот Мицкоски ќе учествува и на Самитот на Европската народна партија (ЕПП), кој ќе се одржи пред средбата на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ.