Германија планира да го зголеми бројот на војници во НАТО

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус, Берлин, 3 март 2024 година.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска (18 декември) изјави дека земјата може да го зголеми бројот на своите вооружени сили на 203.000, додека НАТО сака да ги зголеми своите сили по руската инвазија на Украина.

Германските вооружени сили моментално имаат околу 180.000 униформирани војници.

„Планираме да го зголемиме бројот на униформирани лица на 203.000, а најверојатно одиме во насока на 230.000 поради целите на НАТО“, рече Писториус во парламентот во Берлин, а пренесува Ројтерс.

НАТО треба да договори нови „посложени цели“ за бројот на сојузничките сили и оружје во 2025 година.

Ројтерс пренесува дека владата на германскиот канцелар Олаф Шолц ги зголемила воените трошоци по руската инвазија на Украина во 2022 година, доведувајќи ги, за прв пат по децении, на ниво кое е во согласност со целите на НАТО.

Според овие изјави, прашање е како да се одржи таквата потрошувачка. Буџетските спорови ја соборија трипартиската коалиција на Шолц, што доведе до предвремени избори во Германија.

Видете и ова: Шолц загуби на гласањето за доверба во парламентот, можни избори во февруари

На 16 декември, Шолц го загуби гласањето за доверба во Бундестагот, што создаде услови за одржување на предвремени избори во оваа најнаселена членка на Европската унија (ЕУ).

Германскиот канцелар ја предводеше малцинската влада откако неговата трипартиска коалиција се распадна на 6 ноември, откако го отпушти министерот за финансии, со кој спореше за тоа како да ја ревитализира стагнантната економија на Германија.

Лидерите на неколку големи партии тогаш се договорија парламентарните избори да се одржат на 23 февруари 2025 година, седум месеци порано од планираното.