За Медведев претставници на НАТО се „легитимни цели“, по убиството на генерал Кирилов

Заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност и поранешен руски претседател, Дмитриј Медведев

Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, го обвини НАТО и официјални лица од земјите сојузници со Украина во нејзината битка да ги одбие инвазивните руски трупи, дека се учесници во конфликтот, правејќи ги „легитимни воени цели“.

Реагирајќи на лондонскиот весник „Тајмс“ кој вчерашното (17 декември) убиство на висок руски офицер го нарече „легитимен чин на одбрана од загрозена нација“, Медведев, поранешниот претседател кој стана познат по неговата растечка анти-западна реторика, рече дека Москва треба да ја примени истата логика во своја корист.

Во својата статија, „Тајмс“ вели дека атентатот бил „дискриминаторен напад против агресор“ и дека ја нагласува потребата западните влади да и ја дадат на Украина „сета поддршка што и е потребна за да води правична војна за самоодбрана“.

„Сите претставници на земјите на НАТО вклучени во одлуките за воена помош за Украина и оние кои учествуваат во хибридна или конвенционална војна против Русија сега се сметаат за легитимни воени цели за руската држава и сите руски патриоти“, напиша Медведев како одговор.

На прашањето за коментарите на Медведев, прес-службата на НАТО одговори преку е-пошта, велејќи: „Ќе ви се обратиме ако имаме нешто да кажеме“.

Видете и ова: Уапсен е осомничениот за атентатот на генерал Кирилов

Генерал-полковник Игор Кирилов, шефот на руските сили за нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана и неговиот помошник беа убиени од бомба сокриена во скутер пред влезот на зградата во Москва рано на 17 декември.

Кирилов е еден од бројните руски офицери и провоени фигури кои се убиени во Русија и во деловите на Украина окупирани од Русија. Неговата смрт дојде една недела откако висок функционер од руска компанија која развива крстосувачки ракети користени од Москва во војната, наводно, бил застрелан близу главниот град.

Реториката на Медведев, кој инаку има ограничена улога во рускиот политички систем, произлегува од долгорочниот наратив на Кремљ за обвинување на западните „сили“ за антируски акции ширум светот и за акти на саботажа и „тероризам“ на руска територија.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер, вчера (17 декември) изјави дека Соединетите Држави ниту биле вмешани во убиството на Кирилов, ниту биле свесни за тоа однапред.

Руските истражители убиството го нарекоа „терористички“ напад и веднаш го препишаа на украинското разузнавање. Денеска (18 декември), руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека привела осомничен, 29-годишен неименуван државјанин на Узбекистан, во врска со случајот.

Медведев, исто така, се закани со одмазда против новинарите на Тајмс, предупредувајќи дека весникот може да биде вклучен во тие „легитимни воени цели“, додавајќи дека „во Лондон се случуваат многу работи... бидете внимателни“.

Тоа предупредување се чини дека е прикриено повикување на труењето со радиоактивен полониум-210 на поранешниот офицер на ФСБ и критичар на Кремљ, Александар Литвиненко во Лондон во 2006 година, и обидот за атентат на поранешниот руски разузнавач Сергеј Скрипал во британскиот град Солсбери со смртоносен нервен агенс во 2018 година.