Лајен: ЕУ ќе има улога во обликувањето на иднината на Сирија

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен

Во услови кога старата Сирија ја нема, новата се уште не е родена, се отвораат многу прашања како тоа дали ќе има политичка транзиција која ќе го почитува националното единство, дали сите малцинства ќе бидат безбедни и заштитени и дали ќе продолжи борбата против исламистичката група Исламска Држава, порача претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќање пред Европскиот парламент во дебатата посветена на утрешниот Самит на ЕУ.

„Иднината на Сирија е полна со ветувања, но и со ризици. Следните недели и месеци ќе бидат клучни за нејзиното обликување и Европа ќе ја игра својата улога во тоа. Сирија дели поморска граница со една од нашите земји членки. Настаните во Сирија не погодија длабоко во последната деценија. Кредибилна и инклузивна транзиција е суштински европски интерес“, нагласи Фон дер Лајен.

Видете и ова: Премиерот Мицкоски ќе учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел

Таа потсети дека ЕУ оваа година веќе одвои над 160 милиони евра за Сирија, но дека треба да се размислува и за проширување на европската поддршка надвор од хуманитарната помош, како и за преиспитување на санкциите, со цел ја олесни обновата на земјата.

Фон дер Лајен истакна дека падот на режимот на Башар Асад во Сирија претставува „предупредувачка приказна за границите на моќта“ на Русија, која и по три години не успева да го скрши отпорот на Украина, дури и со ново оружје, војници од Северна Кореја и нов бран напади врз енергетската инфраструктура на земјата.

Видете и ова: Проблемите на ЕУ ќе се префрлат и во 2025 година

Според неа стратегијата на рускиот претседател Владимир Путин е јасна и тој се обидува да оствари придобивки на теренот и да го тероризира украинскиот народ, па затоа зајакнувањето на Украина во моментов не е само морален, туку и стратешки императив.

Фон дер Лајен изјави дека иако ЕУ направи многу за помош на Украина, сепак мора да направи повеќе, па затоа на утрешниот Самит ќе побара од европските лидери да обезбедат дополнителна поддршка за земјата, особено за нејзиниот енергетски систем кој на стартот на зимата се соочува со „најнепосреден предизвик“.

Таа оцени дека од суштинско значење е да се поткопаат можностите за обезбедување „приходи на Путин“ и најави дека во подготовка е нов, 16-ти пакет санкции кон Русија.