Четиринаесет загинати во земјотресот во Вануату, се трага по преживеани

Тешко оштетената зграда во која се сместени амбасадите на Соединетите Држави, Велика Британија и Нов Зеланд по силниот земјотрес што го погоди Порт Вила, главниот град на Вануату, на 17 декември 2024

Бројот на загинати во земјотресот со јачина од 7,3 степени според Рихтеровата скала што го погоди Вануату во вторникот (17 декември) се искачи на 14, додека тимовите за пребарување минуваат низ купишта урнатини за да се обидат да ги лоцираат преживеаните.

Други 200 се згрижени со повреди, а во текот на ноќта биле забележани силни последователни потреси.

Двајца од загинатите се кинески државјани, изјави кинескиот амбасадор во Вануату Ли Мингганг за државните медиуми.

Во земјотресот биле оштетени згради, вклучително и амбасадите на САД, Франција, Велика Британија и Нов Зеланд. Прекинато е и снабдувањето со електрична енергија и мобилните услуги.

Полицијата на Вануату соопшти дека е прогласена седумдневна вонредна состојба за да се ограничи движењето на јавноста додека траат операциите за пребарување и спасување.

„Се проценува дека околу 116 000 луѓе би можеле да бидат погодени од најтешките последици од земјотресот“, објави Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања.

Вануату и Нова Каледонија се наоѓаат на таканаречениот Огнен прстен на Пацификот, односно геолошки најактивната зона на Земјата.