Кривичниот суд им одреди триесетдневен притвор на поранешниот прв вицепемиер Артан Груби и на поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, поврзани со истрагата за Државна лотарија.
Јавното обвинителство вечерта на 17 декември издаде наредба до МВР за објава на национална потерница, а потоа и распишување меѓународна потерница за Груби и за Бајрами.
„По добиено известување од надлежното МВР, дека двете лица за кои јавното обвинителство предложи мерка притвор од нивно пронаоѓање односно лишување од слобода, а поврзани со истрагата за Државна лотарија, се недостапни за органите на прогон, донесе решенија да го прифати предлогот на јавното обвинителство и им определи мерка притвор од траење од 30 дена“, соопшти Кривичниот суд на 17 декември.
Обвинителството побара притвор за Груби и за Бајрами поради сомнежи за проневера во „Државна лотарија“. Од Обвинителството велат дека oд прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители учествувале во дејствија со кои е направена штета на „Државна лотарија“ со намера да прибават противправна имотна корист за друг.
Видете и ова: Што сè може да влезе во истрагата за Државна лотарија?Завчера, Артан Груби самиот напиша на Фејсбук дека не е во бегство и се наоѓа во приватна посета во Косово.
„Веднаш штом завршам обврските, ќе се вратам дома кај моето семејство“, напиша Груби.
Ден потоа кога полицијата вршеше претрес на две негови локации, не го пронајде дома.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека и Артан Груби и Перпарим Бајрами не се наоѓаат на територија на Северна Македонија.
За Груби рече дека „заедно со уште едно лице, стопанственик во возило со дипломатски таблички ја напуштил Македонија и последно се упатил кон нашиот северен сосед Косово“, а за Бајрами рече дека подолго време не се наоѓал во државата.
Артан Груби заедно со апелацискиот судија Енвер Беџети беа ставени на „црната листа“ на Стејт департментот, објавена на 9 декември, поради вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството. Образложението е дека примиле мито да влијаат врз судските процеси поврзани со кривичната пресуда на екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков за предметот „Таргет“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство(СЈО), а се однесуваше на масовното прислушување.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски потоа кажа дека е оформен предмет за обезбедување докази за евентуална кривична одговорност за лицата ставени на црната листа на САД.
Груби е член на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), поранешен пратеник и вицепремиер во претходната влада на СДСМ и ДУИ.