Поднесена е кривична пријава против осум лица за „злоупотреба на службената положба и овластување“,„примање поткуп“ и „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“ во случајот со „Државна лотарија“, соопшти Министерството за внатрешни работи(МВР) на 17 декември.
Како што соопшти МВР, првопријавениот П.Б(31), како претседател на Управниот одбор на „Државна лотарија“, свесно ги прекршил законите за игри на среќа со тоа што им овозможил на правни лица од Скопје, Битола и Белград да организираат игри на среќа без лиценца. П.Б. доставил информации до Владата за основање нови правни лица кои би добиле право да организираат електронски и интернет игри на среќа, со помош на второпријавениот А.Г(47), добивајќи согласност од Владата за објавување два јавни повици кои не смееле да ги објават.
АД „Државна лотарија“, спротивно на Законот за игрите на среќа, склучила договори за заедничко вложување со правни лица од Скопје, Битола и Белград, иако тие не ги исполнувале законските услови.
„Првопријавениот П.Б. извршил дејствија што не би смеело да ги изврши, спроведувајќи постапка за јавен повик која не требало да ја изврши, донел одлука за избор на најповолен понудувач, а како награда за вака преземените службени дејствија примил подарок во вредност од 1.635.000 денари“, соопшти МВР.
Видете и ова: Што сè може да влезе во истрагата за Државна лотарија?Второпријавениот А.Г., како вицепремиер, со цел да го прикрие кривичното дело на првопријавениот П.Б., изјавил дека има позитивно мислење од Министерството за финансии за основање на трговското друштво „Нова Државна Видео Лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје“, иако знаел дека такво мислење не постои. Дополнително, А.Г. ја водел седницата и ја ставил на дневен ред и ги усвоил информациите без прибавено мислење, иако тоа било задолжително.
Третопријавениот Д.К., како премиер, по претходен договор со првопријавениот П.Б., на 08.03.2022 година ја ставил на дневен ред и усвоил постапка за основање на трговското друштво „Нова Државна Видео Лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје“, иако знаел дека материјалите не се разгледуваат на седница согласно Деловникот за работа на Владата. Со ова овозможил друштвото да стекне право да приредува игри на среќа без лиценца и на одговорните лица им овозможил противправна имотна корист од 8.598.000 денари.
Четвртопријавениот М.Д. како генерален секретар на Владата и покрај тоа што знаел дека материјалите кои се доставени до Владата не се разгледуваат на седница на Владата, ја предложил како точка на дневен ред информацијата за основање на трите нови трговски друштва за интернет игри на среќа.
Кривична пријава е поднесена и за В.П, претседател на Комисијата за јавен повик и за А.А. и Н.Х и М.З., , членови на Комисијата. Тие констатирале дека понудувачот-правно лице од Скопје ги исполнува сите критериуми за склучување на договор за заедничко вложување и покрај тоа што истиот не ги исполнувал законските услови. Според соопштението од МВР, В.П.и Х.Х за тоа добиле парична награда.
Јавното обвинителство на 16 декември соопшти дека е покрената истрага против шест лица осомничени за проневера во АД „Државна лотарија“, како и за злоупотреба на службената положба.
Соопштението на Обвинителството следуваше откако претходно беше објавено дека полициски службеници изутрината на 16 декември вршеле претреси во домовите на поранешниот вицепремиер Артан Груби и екс директорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами.
Груби, кој неодамна заврши на црната листа на САД, на Фејсбук напиша дека е во приватна посета на Косово.
Изминатата година, Радио Слободна Европа објави серија на истражувања поврзани со работата на Државната лотарија, а во кои се испреплетуваа имињата на Артан Груби и Перпарим Бајрами.