Најмалку 30 севернокорејски војници кои се бореле за Русија биле убиени или ранети во западниот руски регион Курск, соопшти украинското разузнавање.
Ова е првпат Киев да даде таков детален извештај за загубите на Северна Кореја откако Пјонгјанг испрати војници да и помогнат на Москва.
Главната управа за разузнавање на украинската војска (ГУР) во соопштение на 16 декември информираше дека севернокорејските единици претрпеле „значителни загуби“ во близина на селата Мартиновка, Плехово и Ворожба.
На 15 декември, Шеми (Schemes), истражувачка единица на украинскиот сервис на РСЕ, доби фотографии од украински воени извори на кои наводно се прикажани телата на загинатите војници во Курск, вклучително и, како што се вели, на севернокорејски борци.
Видете и ова: Поранешен севернокорејски војник вели дека трупите „не се подготвени“ за борба против УкраинаРСЕ не можеше независно да го потврди тврдењето. Русија не го коментираше извештајот.
Украинските трупи го започнаа упадот во областа Курск во август и сè уште контролираат некои области.
Русија почна да распоредува илјадници севернокорејски војници во регионот во октомври.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 14 декември изјави дека Москва почнала да вклучува повеќе севернокорејски трупи во обид да ги потисне украинските сили во Курск.
Видете и ова: Зеленски: Во Курскиот регион се распоредени 11000 севернокорејски војнициПроценките на дел од аналитичарите говорат дека руските жртви надминуваат 600 000, а рускиот претседател Владимир Путин сака да избегне втора масовна мобилизација.
Во меѓувреме, информиран извор од Украинската Служба за безбедност (СБУ) за украинскиот сервис на РСЕ изјави дека Киев користел беспилотни летала минатата недела со цел уништување на руско складиште за муниција во селото Маркине во областа Доњецк, окупирана од Русија.
Инаку Киев соопшти дека Русија лансирала 49 дронови од типот Шахед против Украина во раните утрински часови на 16 декември. Се додава дека 27 биле соборени, на 19 им е изгубена трагата, а три останале во украинскиот воздушен простор.
Украинската војска соопшти дека ниту едно од беспилотните летала не предизвикале штета и евентуални жртви.