Зеленски: Русија распоредува се повеќе севернокорејски војници во Курск

Илустрација

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 14 декември изјави дека Москва почнала да вклучува повеќе севернокорејски трупи во нејзините напори да ги истера украинските сили од рускиот регион Курск.

„Денес веќе има прелиминарни податоци дека Русите почнале да користат војници од Северна Кореја во нападите - забележлива бројка“, рече Зеленски.

„Русите ги вклучуваат во консолидирани единици и ги користат во операциите во регионот Курск, засега е само таму.

Коментарите на Зеленски дојдоа откако Главната управа за разузнавање на украинската војска (ХУР) издаде соопштение во кое се вели дека севернокорејските трупи веројатно ќе почнат да ги напаѓаат украинските воени позиции во регионот Курск во блиска иднина.

ХУР рече дека е „веројатно“ Русија наскоро да ги вклучи севернокорејските војници во директни напади, истакнувајќи дека во последните денови војниците „добиле дополнителни резерви на храна“.

Видете и ова: Како би можел да изгледа украинскиот мировен план

Севернокорејските единици на 13 декември беа ставени во состојба на готовност и им беше наредено да чекаат дополнителни инструкции, соопшти ХУР.

Некои од војниците се тајно префрлени на линијата на фронтот со цивилни камиони кои однадвор личат на возила за испорака на вода, се вели во соопштението.

Не беше можно да се потврди информацијата, а руското Министерство за одбрана не ја коментираше.

Украинските трупи го започнаа својот упад во областа Курск во август и сè уште контролираат некои области. Русија почна да распоредува илјадници севернокорејски војници во регионот во октомври.

Генералштабот на украинската војска на 14 декември соопшти дека од почетокот на денот се случиле 45 судири во областа Курск, а 26 од нив се уште се во тек.

„Покрај тоа, непријателот изврши седум воздушни напади, фрли 10 наведувани бомби и изврши 212 артилериски напади врз руските населби и позициите на нашите бранители“, се вели во дневниот резиме на Генералштабот.

Во резимето се додава дека најтензичните ситуации на бојното поле се случуваат во областите во близина на Покровск, Курахивск и Вримивск.

Руската војска ја „подобри тактичката позиција“ во правецот Покровск, соопшти прес-службата на воениот округ Хортица.

Руските сили исто така се обиделе да ја подобрат својата тактичка позиција во областа Блаходатне, но не биле успешни, претрпеле загуби и се повлекле.
Украинските сили извршија свои напади врз објектите што ја снабдуваат руската армија со нафтени деривати, соопшти Генералштабот.

Нападот на руското складиште за нафта во Орел во текот на ноќта на 13 декември предизвика „моќен пожар“, се вели во соопштението на Генералштабот, во кое складиштето е опишано како еден од најголемите нафтени терминали во предградијата на Орел.

Видете и ова: Русија изврши „масовен“ напад врз енергетските капацитети на Украина

Локалните власти и руските државни медиуми не ги коментираа извештаите.

Руската област Орел се граничи со регионите Курск и Брјанск.

Во пограничниот регион Белгород, украински беспилотни летала убиле деветгодишно момче и запалиле голем нафтен терминал таму, изјави гувернерот Вјачеслав Гладков на Телеграма.

Момчето загинало кога дрон удрил во домот на неговото семејство надвор од Белгород, рече Гладков, додавајќи дека неговата мајка и 7-месечната сестра се хоспитализирани.

Тој објави фотографии од, како што рече, последиците од нападот, прикажувајќи куќа со отворени дупки на покривот и предниот ѕид опкружена со насипи урнатини.

Гувернерот на Орел, Андреј Кличков, на Телеграм потврди дека напад на украинско беспилотно летало запалил складиште за гориво. Тој подоцна изјави дека пожарот е локализиран и дека нема жртви.