„Застани, Србијо“- уште една блокада ширум земјата за загинатите во Нови Сад

„Крвави ви се рацете“ - еден од транспарентите на Студентскиот плоштад пред зградата на Ректоратот во Белград, 13 декември 2024 година.

„Застани, Србијо“ - петнаесетминутна кампања за оддавање почит на петнаесетте жртви по падот на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад, повторно се одржа денеска (13 декември) во 11:52 часот, во повеќе градови во Србија.

Граѓани, студенти, активисти, опозициски политичари ги блокираа улиците и бараа одговорност за трагедијата која се случи на 1 ноември кога загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.

Протест пред зградата на Ректоратот на Универзитетот во Белград, 13 декември 2024 година.

Во Белград, собири беа организирани на повеќе локации.

На дел од транспарентите пишуваше „Рацете ви се крвави“ и „Наставниците се со учениците“.

Студентите на Електротехничкиот факултет на протест, 13 декември 2024 година.

Како што јави репортерот на РСЕ, на белградскиот Плоштад на републиката, се собраа актери и претставници на театарски ансамбли, за да им оддадат почит на настраданите.

Насобраните носеа транспаренти со имињата на жртвите, а петнаесетминутниот молк заврши со аплауз.

Актерката Љубинка Клариќ за РСЕ изјави дека застанала 15 минути за загинатите во Нови Сад и нивните семејства.

„Јас застанав на 15 минути, бидејќи гледам дека цела Србија застанува, бидејќи тие луѓе кои беа под настрешницата пред повеќе од еден месец веќе не можат да стојат, а мислам дека и нивните семејства тешко стојат после ова. Па еве, јас застанав и ќе стојам секој ден додека некој не биде кривично гонет, бидејќи тие луѓе повеќе не можат да стојат“, рече Клариќ.

Актерот Драган Бјелогрлиќ беше меѓу присутните, 13 декември 2024 година.

И во Нови Сад, на повеќе места се собраа студенти, активисти, претставници на опозицијата и дел од граѓаните.

Студенти на протест во Нови Сад, 13 декември 2024 година.

Како што јави репортерот на РСЕ, сообраќајот го прекинале стотина студенти за со 15-минутен молк да потсетат на несреќата која се случи во овој град.

На нивните транспаренти стои: „Сакаме правда“, „Сметајте на нас“, „За фер услови за студирање“.

Дел од транспарентите на протестот во Нови Сад, 13 декември 2024 година.

Од вчера (12 декември), блокирани се зградата на Ректоратот и сите факултети на Универзитетот во Нови Сад.

Ректорот Дејан Мадиќ ја напушти зградата. Дел од студентите и стотина вработени на Универзитетот во Нови Сад бараат негова смена, нарекувајќи го ректор на владејачката „Српска напредна партија“.

Блокиран сообраќај и 15-минутен молк, од 11:52 до 12:07 часот, во рамки на акцијата „Застани, Србијо“ имаше и во Ниш, Ужице, Ваљево, Мионица и Крагујевац.