Обединети полициски сили од 26 земји уапсија 796 лица во масовна полициска операција на Западен Балкан, објави Европол денеска (13 декември).
Акцијата била раководена од центарот во Сараево, а како што се наведува во соопштението, цел биле повеќе криминални закани, вклучувајќи трговија со луѓе, криумчарење мигранти, трговија со дрога и нелегално оружје, како и борба против криминални мрежи од висок ризик.
Без наведување на дополнителни детали, се нагласува дека се покренати вкупно 316 истраги и запленети се 442 парчиња оружје, во акција во која учествувале 31.109 полицајци.
„Опсегот на операцијата беше дизајниран да биде што е можно поширок. Проверките и пребарувањата го вклучија физичкиот и онлајн светот, Интернетот, 'дарк веб' и платформите на социјалните мрежи“, соопшти Европол.
Тие додаваат дека во овие „сајбер патроли“ учествувале не само претставници на полицијата, туку и обвинители со различни надлежности.
Извршени се над 655 илјади проверки, со кои се проверени околу 516 илјади лица, 152 илјади возила, пет илјади пратки и 1.181 место на живеење.
Видете и ова: Истрага во Белград против 14 осомничени за шверц на кокаин во рамки на Балканскиот картелТие објаснуваат дека Европол тоа го направил со испраќање експерти со мобилни канцеларии на терен, кои можат да ги проверат постоечките бази на податоци, додека земјите партнери работеле со специјални единици за откривање и експерти за фалсификувани документи.
Во акцијата учествуваа 16 земји-членки на ЕУ, сите земји од Западен Балкан, како и Молдавија, Турција и Украина.
Меѓу меѓународните организации, во акцијата учествуваа Европската комисија, Европол, Европравда, Фронтекс и ИНТЕРПОЛ.
Акцијата е спроведена во рамки на Денот на координирана заедничка акција за Југоисточна Европа (JAD SEE), организиран во рамките на EMPACT, европската мултидисциплинарна платформа за борба против криминогени закани.