Продолжува блокадата на факултетите во Србија

Србија - Протест на студенти во Белград

Сите пленуми на блокираните факултети на Универзитетот во Белград и белградскиот Универзитет за уметности соопштија дека овие високообразовни институции остануваат блокирани до исполнување на барањата на студентите.

„Ги негираме сите тврдења дека нашите барања се исполнети“, објави белградскиот универзитет на 12 декември.

Меѓу барањата на студентите се да се објави целата документација за реконструкција на Железничката станица во Нови Сад,каде при пад на настрешница на 1 ноември загинаа 15 лица, кривична одговорност за несреќата и повеќе средства за материјалните трошоци на факултетите.

Студентите бараат и ослободување на граѓаните кои беа приведени во серијата протести поради несреќата на железничката станица во Нови Сад.

„Потсетуваме дека секојдневно сме сведоци на физичка и вербална репресија врз студенти и граѓани кои бараат кривична одговорност. Посебно нагласуваме дека сторителите на насилство врз мирните студенти се уште не се кривично гонети“, се додава во соопштението.

Видете и ова: Провладините медиуми во Србија во напад врз студентите кои ги блокираат факултетите

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 11 декември изјави дека со тоа што ѝ препорачал на Владата да објави документи за реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, каде при пад на настрешница загинаа 15 лица, а тројца тешко беа повредени, ги исполнил барањата на студентите. Тој најави дека како претседател на државата ќе ги помилува сите учесници на овие протести, ако евентуално бидат осудени.

Нападот врз студентите и професорите пред Факултетот за драмски уметности во Белград беше поттик за почеток на студентските блокади. Оваа институција прва ја прекина работата на 25 ноември.

На блокадите се приклучија повеќе од 40 факултети и виши школи во Белград, Нови Сад, Крагуевац, Ниш и Суботица.

Властите ги осудуваат блокадите и протестите.